Top

За цел живот

Оди си. Те молам исчезни од мојот живот. Си ја исполни својата цел, зар не? На сите им била позната, освен на мене. Па, да ја знаев немаше да ти дозволам да ја оствариш, зар не? Ги знаеш правилата, искуството е зад тебе. Ти честитам, одлична претстава. Искрено и јас уживав во неа. Но, крајот ме погоди, ме рани во срцето. Мора некој да го извлече подебелиот крај. А, колку само проклето те сакав. Зошто ги сменивме улогите? Јас треба да сум пресреќна што се ослободив од болката, а ти да жалиш за највредното нешто што постоело во твојот живот. Помниш ли сè што имавме? Мене секој ден ме прогонуваат спомените како духови. Се плашам, бегам од нив но тие се побрзи од мене. Не заслужуваш да ти го спомнам името, а постојано си во моите мисли. Твојот лик ме прогонува каде и да одам, ти си насекаде околу мене. Ти си мојата болка, раната во срцето. А, сè беше толку прекрасно. Скоро совршено. Љубов како сонце. Секој ден се повеќе и повеќе ме грееше. Толку голема што и планини можевме да поместиме. Прекрасни погледи, преубави зборови. Среќни мигови, поминати во прегратките на саканиот. Ах, колку е убаво чувството кога те буди секое утро неговиот прекрасен глас. Мислев дека никогаш нема да престане. Никогаш нема да застане. Каде ли замина сè? Зарем е возможно од таа голема љубов што гореше да остане само пепел? Па со неа ги победивме сите препреки во животот. Зошто не и сега? Што се смени, што се случи? Мене не ми се потребни зборови, јас знам да читам и од делата. Дури и од тишината која убива. Сè е кристално јасно. Само една мисла ме убива, ми го кине срцето. А, ти тоа не го гледаш. Ти дури не ни приметуваш во што се претвори. А,јас. Јас веќе ги исплакав сите солзи. А, срцето постојано крвари. На секој твој збор, на секоја твоја постапка. Порано тие зборови живот значеа. Но, сега се изменети… Сега срцето почна дури и да се плаши од нив. Се плаши од уште еден нож забоден во него. Зборовите како олово тежат. Ништо не боли повеќе од зборот. Целиот мој живот на дланката ти го дадов. Сè што имав ти дадов. Повеќе немам ништо. Никогаш не мислев дека ќе ме разочараш. Нема повеќе во мене љубов за друг, целата ти ја зема. За цел живот…


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на За цел живот“: Драгана Цекова

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *