Top

Есенски огнови

И вечерва капките дожд се лизгаа на прозорецот. Нежно, како и солзите на нејзиното лице. Веќе сите го чувствуваа студот на новата есен. Сите освен таа. Во неа се бореа огнови и гореа пламени. Можеби сеуште ја чуваше топлината на летото во себе, а можеби тоа беа само спомените кои не ја оставаа на мира. Или таа не сакаше да ги остави. Сеедно, тоа чувство ја држеше врзана до прозорецот со денови. Дишењето стануваше сè потешко, а грутката во нејзиното грло ја мамеше да вреска колку ја држи глас! Но, таа врескаше како никој друг, врескаше тивко. Врескаше така што никој не можеше да ја слушне. Единствениот вресок во собата кој се слушаше беше рефренот од песната која не престануваше да ја слуша. Стихови кои можеби и ја одржуваа во живот, стихови кои ја носеа назад во рајските денови. Денови кога сите желби и беа исполнети и кога очите наместо од солзите, и блескаа од радост! Денови, кои на крај ја однесоа во бестрага.

Стана, го отвори прозорецот. Во истиот момент студениот воздух ги пресече нејзините топли спомени. Како да ја врати назад во реалноста. Како да ја соочи со она што се нарекуваше сегашност. А солзите не запираа…
Сама? Не, таа не беше сама. Таа беше збунета. Збунета како никогаш до сега. Таа беше помеѓу два огна кои не згаснуваа. Едниот кој е тивок, пријатен. Кој ја топли
секоја вечер, кој не и дозволува да заспие сама. А другиот… другиот беше див! Со пламен кој гореше на сите страни, кој не дозволуваше нејзиниот дух да биде мирен, оган кој гореше далеку од неа, а создаваше искри како да гори во неа! Нејзините солзи се ронеа токму помеѓу овие два огна. А, едниот ќе мораше да го изнасне со нив.
Ако продолжи да живее помеѓу нив, ќе изгореше и самата. Одлучувањето никогаш не ѝ беше јака страна, посебно кога двобојот се разумот и срцето. Kлише!
Одеднаш се сети. Еднаш некој ѝ беше рекол: “Секогаш кога ќе кажеш јас сум, дали раката ќе ја ставиш на главата или овде, на градите… близу до срцето?“. Се замисли. Како да почнуваше да ја сфаќа пораката на овие тогаш небитни зборови. Јас сум тоа што е моето срце, а разумот само ќе ти покаже како да стигнеш до тоа што го сака срцето.

Таа знаеше што сака. Знаеше дека го сака дивиот оган. Така е, го сакаше! Го сакаше посилно од сè на светот, со целото свое срце и душа. Од толку многу што го сакаше реши да го изгасне. Знаеше дека таа љубов ќе и ја остави само пепелта, која и понатаму ќе остави траги и спомени. А, тоа повеќе не го сакаше.
Со последната солза го изгасна и последното жарче од тој оган. Длабоко зеде воздух, издиша. Го исгазна и другиот. Тој секогаш ќе ја потсетуваше дека некогаш направила избор. Избор кој нејзното срце не го сакаше. Ја стави насмевката на лицето и излезе. Веќе дождот беше запрел, а месечината го красеше ѕвезденото небо.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Есенски огнови“: Глорија Милева

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *