Top

Крај со среќните краеви

Погледнав во широко отвореното небо над мене. Беше мрачно, боите се прелеваа од темно кон уште потемно сиво, но сепак беше тивко. Без грмежи, без татнежи. Се слушаше само свирежот на остриот и жесток ветар. Гледајќи така безгласно, не можев да се сосредоточам на ништо суштински важно. Ми се чинеше дека една непостоечка точка стои пред мене, левитира и осцилира, а моја единствена должност е непречајно да ја анализирам. Рој непотребни и банални мисли зуеја во мојата глава. Ме напаѓаа и ме боцкаа, оставајќи го осилото на песимизмот длабоко зариено во моето битие. Се топеше и лачеше непријатно чувство. Смртоносен секрет.

Бев беспомошна. Се обидов да ги избркам сенишните мисли, слично онака како што ги гонев зашематените летни муви со големина на орев. Можеби ако ја протресам главата, ако кимам искажувајќи несогласност ќе отидат, ќе се разбегаат.

Безуспешно!

Сеуште се ѕурев во бескрајноста на тој простор. Доколку би постоело совршенство, бев неотповикливо уверена дека со сигурност би почивало таму, во тие безгранични далечини. Во небото. Меѓутоа, сега небото беше далеку од совршено. Всушност беше толку разобличено и магливо што ме наведе да се замислам, да се двоумам. Ги затворив очите. Сакав да го смирам распламтениот оган во мене, толку спротивен и несвојствен за мојата надворешност. Бев на ринг, на суров натпревар помеѓу темпераментноста и сталоженоста. Неизвесноста пулсираше на својата врвна точка.

Тешка крупна капка ме пецна на клепката. Студенило!

Се подзамислив повторно, но овој пат бледа насмевка го осветли моето лице. Оваа ситуација наликуваше на перипетија на некоја патетично-романтична новела, оние со бедно среќен крај, а ова би требало да биде моментот кога девојката го напушта дечкото и со насолзени очи се качува во авионот. Во последен момент доаѓа момчето и ја преколнува за прошка. Понатаму знаете – “си живееја среќно и весело до крајот на животот.” Многу евтино и неуверливо. Никогаш не сум ги сакала таквите приказни, зашто се во кулминативна контрадикторност со реалноста. Ветуваат, а потоа разочаруваат. Болно…

Се чувствував ко на сцена. Аеродромот, мрачното врнежливо време, гужвата… Сè се поклопуваше совршено добро, како рубрикова коцка која си го нашла својот финален крај. Потоа влажни наросени очи, иако пресушени од солзи, осаменост. Сè беше на сцената, сè беше подготвено. Само некој да каже “Снимај!

Тишина! Нема груб и зарипнат глас што ќе го најави почетокот, само недефиниран бесформен џагор на масата луѓе околу мене.

Недостасуваше нешто. Можеби реквизит? Или одредена зголемена емотивна потпора на приказната?

Еден артист!

Еден артист недостасуваше, но никој не го забележуваше тоа. Секој беше презафатен и соборен од тежината на својата улога, што никој не обрна внимание на квалитативните недостатоци во сторијата. Една улога ќе го дочека крајот на приказната сама, а единствениот воочлив волонтер бев јас.

Ништо од совршеноста.

Ништо од среќниот крај.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Крај со среќните краеви“: Наташа Пеневска

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *