Можеби годините велат дека тоа останало во минатото, но лажат. Деновите се безбројни како и незаборавот. Колку е подалеку, толку е поневозможно да заборавиш, затоа што вреди да биде запаметен. Можеби реалноста се оддалечила и лажно го прикрила она што би сакале да постои и да го видиме, но сеќавањата никогаш! Спомените бдеат над присутноста и ја чуваат онаму каде останала запечатена-во срцето. Таму во безвременоста на вечноста секој останува да живее долго после неговото заминување. Таму, каде останува исконски зачуван далеку од сета суровост на светот, таму каде останува единствен, незаменлив и незаборавен. Таму каде времето нема да помине за да ја избрише младоста, и со својата прашина да ти ја замати насмевката на лицето. Таму човек останува непокорлив, недопрен, неизмерно среќен, затоа што заслужува да го достигне врвот на совршенството, а што е посовршено од среќата? И не е преувеличување, туку е вистина, највистина од сите вистини. Секој е човек, но не и човечен. Идеалот на совршенство всушност е скриен во спектарот на човечноста. А ти си човечен поради сè што си, во секој поглед на животот. Несебично си покрај сите оние кои ги ценеа твоето пријателство, твојата работа, твојата љубов и самото твое присуство. Велам ”си”, а не “беше”, затоа што за великаните никогаш не се зборува во минато време, тие се украс и на нашата сегашност. Светот стигнува многу подалеку од тродимензионалниот приказ на нештата каде се се претвора во земја и прав, светот се претопува во магијата на онаа четврта димензија која секој ја носи во душата. Врежан во мислите, запечатен во срцата остануваш во душата на оние кои те сакаат. И затоа уверена сум дека си пожив од илјадници луѓе кои дишат, затоа што си неизмерно сакан.
Почивај во мир ангелу, и црпни малку од нашата среќа и тага, нашите успеси и неуспеси, нашето секојдневие, за да го доловиш сето она што ти беше ветено, но не и дадено – ЖИВОТОТ!

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “За великанот на нашето време“: Јанкова Марија
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!