Top

Два пати

Mи рече еднаш некој – “пробај да создадеш нови спомени, чекори по нови улици и мирисај друг воздух.”
Два пати го послушав. Првиот пат се оддалечив од местото кое ме гушеше и создадов од почеток сè.
А, вториот пат што се случи – ме прашаа?
Ех, вториот пат. Токму вчера беше. Баш вчера. Пробав да земам нов воздух на една нова улица по која никогаш немав чекорено.
И знаеш што?
Ми мирисаше на него, на воздухот кој го вдишувам кога сум покрај него.
Небото беше исто како кога тој е тука.
Ми се појавија солзи во очите. Ги задржав и дојдов дома. Не сакав да бидам слаба пред надворешниот свет.
И што после? -ме прашаа тивко.
Кога дојдов дома, бев јас. Бев таа која ја гушеа спомените и реалноста. Се скопчав во еден ќош и ги пуштив солзите. Отпрвин не сакав. Се плашев од моите слабости.
Знаеш дека луѓето најмногу се плашат од своите слабости?
Подоцна, солзите се лизгаа полека. Ми го топлеа и така ладното лице.
Созлите беа моите чувства, моите стравови кои ги криев успешно, тоа беше сето она од што се плашев.
Зошто едноставно не се обидеш да не го сакаш повеќе? -ме прашаа.
Колку пати само пробав – изговорив тивко. Не бројам веќе. Уморна сум.
Вие сте љубеле некој ? – ги прашав јас.
Ама навистина да сте љубеле. Да чувстувате како еден дел од она што сте вие ви е одземен и даден на друг. А, тој друг одлучува што ќе прави со него. Може и да го распарчи тој дел.
Сте љубеле ли на таков начин, да секоја ноќ ги гледате своите насолзени очи и да не можете да си помогнете?
Не е патетично. Воопшто не.
Сè пред него било илузија на она што мислев дека е љубов.
Со него е тоа. Ама не онаа среќна љубов. Ова е од оние болните, од оние што те кршат на милиони делови и секогаш каде и да одиш и каде и да чекориш лузната ја носиш со себе. Не зараснува. Секоја ноќ, секоја проклета осамена ноќ, таа лузна пече. До болка. До немај каде. До она најдлабокото. До самата суштина.
Велат вистинска љубов е онаа невозвратена. Велат ако е страст ќе помине. Ако е љубов, нема.
Моето не помина. Не поминува. Се засилува со текот на времето. Моите мисли се насочени таму. И тогаш кога мислам дека не се.
Јас постојам со него. Сум го љубела и тогаш кога мислев дека е готово.
А, зошто го љубиш?
Не знам. Тој е тоталната спротивност од тоа што јас некогаш го имав замислено.
А, сепак го љубам. Со секое мое делче. Секое проклето распарчено делче.
Се прашувам дали е казна?
Но, казна за што? – ме прашаа зачудено.
Можеби затоа што еднаш повредив некој така, па сега поради кармата го доживувам на моја кожа?

На моето прашање немаше одговор, туку уште едно ново прашање.
Но, ти изгледаш толку силно и храбро во реалноста. Зошто?
Мислам дека покажувањето на чувствата пред светот е слабост.
Некој што те познава добро, ќе ти ја види тагата во очите.
Ќе знае што носиш со себе.
А тој?
Тој е тој. Не можам да го опишам. Ми стана оска околу која осцилирам.
Ми стана сон преку ноќта. Горка реалност која пече.
Ми стана се што сум знаела.
Но, не сакам да тагувам повеќе. Но сепак, дури и кога мислам дека солзите ги нема и лузната зараснала, се појавуваат пак. Слабости.
А мене ми требаат храбрости.
Мотиви.
Желби.
Ми треба свет во кој главната улога ќе ја имам јас.
Не тој.
Не повеќе. – изустив речиси нечујно.

И сепак надежта ме држи.
Постојам.
Или, мислам дека постојам.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Два пати“: Ангела Тоневска

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *