Top

Родена во 1989

Милица Петрова е студент на Филолошкиот факултет при ФОН Универзитет и е еден од најдобрите студенти во својата генерација. Таа на конкурсот на Европската банка за обнова и развој ја доби наградата за најдобар есеј по повод дваесетгодишнината од падот на “железната завеса”, во конкуренција со свои шестотини врсници од целиот континент. Како награда Петрова ќе добие стаж во угледниот весник – Financial Times. Вo прилог интегрално го објавуваме наградениот есеј.

Родена во 1989

Родена во раните мугри на едно доцно летно утро во годината 1989, привилегија или клетва? Се слушаат последните чекори на владеењето на еден идеалистички систем. Од почеток, се забележуваат само тивки и несигурни татнежи,кои со текот на времето стануваат се почујни, погромогласни и полни со самодоверба. Се издигнува од под земја закопаното его и се бори за глас, за слободен избор, за правото секој да го каже своето сопствено мислење. Далеку во ноќта се гледа почетокот на една долга завршница и непристојно се смешка, заканувајќи се со немилосрдно крвопролевање помеѓу дотогаш вештачки сплотените браќа и сестри, кои за миг во соседот до себе го препознаа својот најголем непријател.

Малечкото вкусно “јаболко на раздорот” и овојпат не беше поштедено од транзициониот бран што ја зафати Источна Европа. Намачени и напатени долж историјата на времето Македонците се соочија со судбината што за нив имаше две лица. Од една страна таа им пружаше крила,да летаат слободно на своето сопствено македонско небо осветлено од жолтото сонце со шеснаесетте блескави краци. Од друга страна пак ако некој се загледаше подлабоко во среќниот поглед на слободната мисла, претходно окована се пранги, ќе можеше да го забележи надвиснатиот облак кој прогнозираше пролејување на многубројни солзи за новосоздадената “оаза на мирот” проследена со гладување, невработеност, беспарица и уметничко преживување за љубов кон татковината.

Една од позначајните транзициони пресметки со народот и државата претставува од една страна болната приватизација, а од друга страна неминовниот чекор кон рационално функционирање на општествениот систем. Имено, татковци со тажни лица стојат на прагот од фирмите во кои ги оставиле своите најубави години од животот, се потсетуваат како цигла по цигла ја граделе фабриката и чесно го заработувале својот леб, за денес да појдат дома кај своите деца и да им кажат: “Готово е. Отидовме под стечај.” Како ли сега тие ќе се грижат за своето семејство? Поминаа години борба за егзистенција каде некои семејства се најдоа на работ на пропаста, а некои други пак се вивнаа во полетот кој повеќе личеше на капиталистичко општество отколку демократско. Но, со текот на времето, приватизацијата почна да ја осветлува својата добра страна. Занаетчиите дојдоа до израз. Паметните добија идеи. Вредните ги реализираа идеите. И така малку по малку премногу ниските стандарди започнаа да закрепнуваат и Македонија почна да наликува на современо демократско општество со повеќепартиски систем каде секој граѓанин исто одговара пред силата на Уставните закони. Македонскиот народ е неустрашлив и ниту грам од транзиционта треска нема да го спречи да закрепнува и опстојува во идните столетија. “Пирејот” е неуништлив, колку повеќе сакаш да се ослободиш од него, толку повеќе тој зајакнува и пушта жилави корени длабоко во земјата, двојно понеуништливи и поиздржливи. Така, Македончето почна вредно да го реди коцка по коцка мозаикот на својот нов живот. Сепак, околината придонесе темелите на новосоздадената самостојност да бидат со стаклени столбови и во текот на последниве две децении неколку пати тие да доживеат распарчување и повторно и повторно да се обновуваат поучени од грешните чекори.

Во еден момент целата кула од карти што Македонците со векови ја градеа, беше разнишана, и сосем на работ на распадот, предизвикана од силна неочекувана бура во едно магливо зимско утро во годината 2001. Имено, една од поголемите етнички групи кои живеат на македонско тло одлучи со крв да ги реши етничките проблем-прашања за ова миротворно поднебје. Изненадени од неочекуваната агресија, Македонците повторно беа сардисани во својата сопствена држава. По неколкумесечно беснеење на автоматските пушки, конечно спротивставените сили седнаа на маса и го донесоа на виделина Рамковниот договор со кој етносите во Македонија добиваат ист третман со родените Македонци. Во денешно време Македонија претставува етничка идила во рамките на Европа бидејќи е една од ретките држави која го признава постоењето на другите етнички заедници како и нивниот јазик, култура и вероисповест кои се ценат и инфилтрираат во современото македонско општество. За да докаже дека навистина го почитува културниот идентитет на етносите во државата, Македонија сериозно размислува да го воведе албанскиот јазик да се изучува од прво одделение од страна на Македонците, што зборува за отвореноста и широкоградоста на македонското срце.

Промените во Уставните закони не се единствените промени што Македонија ги направи за да се доближи до одамна посакуваната Европа. Таа е константно подложна на крупни реформи во образованието сè со цел евроинтеграцијата да биде подостапна и поуспешна за македонските граѓани. Почнувајќи од драстично реновирање на сите училишни институции за подобрување на физичките услови за работење, продолжувајќи со стимулирање на доживотното учење кое подразбира понатамошно усовршување, доквалификација, држење чекор со времето, следење на светските трендови во науката и технологијата, па до воведување на Европското Јазично Портфолио. Тоа стимулира плурилингвизам што подразбира изучување на повеќе европски јазици, понатаму плурикултурализам што значи почитување на разновидноста на Европа во поглед на традиција, обичаи, култура, историја, религија итн. Како и стекнување на автономност во учењето странски јазици. Како врв на пирамидата реформи се покажуваат проектите “компјутер за секое дете” и “бесплатен интернет за секој граѓанин” кои го определија забрзаното темпо со крупни чекори кон Европа.

Хуманите срца на Македонците собрани сите во една ѕвезда водилка која сјајно свети и ги обединува во реализирањето на добри дела за најмалите, за поколенијата кои ќе ја градат иднината на Македонија. Непрежаланиот Тоше Проески претставуваше Господов дар кој го инспирираше и поттикнуваше македонскиот народ на исклучиво добри дела. Преку неговата музика ја сееше својата добродушност и му покажуваше на светот како треба да се посвети животот. Две недели пред неговата ненадејна смрт тој обедини дваесет илјади Македонци во најмасовниот концерт досега за подобрување на квалитетот на наставата во училиштата и уште неколку милиони гледачи пред телевизиските екрани. Тој ја кажа својата последна порака кон целиот свет ,да се биде хуман, да се помогне на ближниот, на соседот, на најмалите и најмилите, а тоа се најневините суштества на светот, децата, најискрените и најчистите во мислите. Господ ни го даде Тоше, ангелот наш, со причина, и ни го зеде повторно со причина. Тој своето дело го заврши, сега е на ред да никне семето што го посеја и Македонија да стане оаза на хумани лица кои ќе се грижат еден за друг и ќе најдат начин да му помогнат на оној што е во неволја.

00:00, 19.12.2009 се отвори една светла порта која нуди многу можности. Просветлување на идеите на младиот човек, запознавање на нови култури и споделување на искуства, уривање на ѕидови наметнати од визниот режим, ослободување на Македонија од замрзнати граници. Сето ова зборува за визната либерализација која на Македонците им влева надеж за подостапна Европа, за реализирање на вековни соништа, за поголема слобода на творечкиот дух, за покачување на економските стандарди на живеење. Чекор по чекор, стигнуваме поблизу до Европа, нашата крајна дестинација. Сон на секој Македонец е да ја види својата татковина како членка на Европската Унија, рамноправна со останатите Европски цивилизации.

Ретроспективното гледање на текот на последните дваесет години во мојата татковина ме натера да се потсетам на ужасната завршница на минатиот век и на надежите што новиот милениум му ги донесе на мојот народ. Денес слободата ми е послатка од било што, затоа што имав тешко транзиционо минато. Денес слободната мисла ја ценам повеќе од сè, зашто некогаш на моите родители не им било дозволено слободно да се изразат туку напротив биле принудени покорно да молчат а да се потчинат на еден за мене незамислив систем. Денес сум среќна што живеам во Република Македонија и сум дел од академските граѓани кои допрва ќе делуваат и ќе и носат светла иднина на својата татковина која го заслужува само најдоброто. Има едно сонце на светот и исто грее за сите народи. Македонија заслужува да биде дел од Европа и дел од светот, а јас ќе бидам таа што ќе се обиде да го докаже тоа заедно со уште еден куп млади луѓе кои веруваат во демократското општество. На крај ќе потенцирам дека да се биде роден во 1989, да се биде сведок на промена на неколку видови општества за краток временски период од само две децении е секако привилегија која ми овозможува да го перципирам светот со поотворени хоризонти и неминовно ме прави посреќна личност од кога и да е.




12 Коментари

  • Филип Талески вели:

    Одлично за нашата колешка…
    Сакам во идно време да не известите… дека нашата колешка ќе биде вработена…
    Поздрав

  • Nikola KOLESKI вели:

    a dali moze tekstov da bide prezentiran i na drugi stranski jazici ?
    Angliski, francuski, italijanski, germanski itn, itn, itn,

  • Јордан Шијаков вели:

    Искрени честитки за добиената награда!

    ПС. Сепак прашањето е колку роден,-а 1989 год. може да се биде сведок на промени на повеќе општествени уредувања ?

  • anonimus вели:

    EPTEN UBAVI ZBOROVI I RECENICI SE UPTRBENI OVDE AMA DEVOJCEVO EPTEN GRUJOVIST

  • pero petreski вели:

    i da e grujovist ubavo napisala
    dobila nagrada za najdobro napisan esej vo cela evropa a ti se fakas za partija
    makedonija ima mnogu vakvi luge ali ne mozat da uspeat od takvi kako tebe

  • makedonka вели:

    Ubavo napisano,premnogu idealisticki nekako mi zvuci ,pa i ne e se taka rozovo kaj nas vo momentov,a kade odi Makedonija kon vrvot ili ne e samo prasanje ,i da se se soglasuvam kolku moze nekoj roden vo 1989 da zboruva za nekolku proziveani opstestveni ureduvanja ??? Cestitki za nagradata ,prekrasen esej,ama malku daleku od realnosta

  • Anna Pop- Markovska вели:

    Za site onie koi sto ne ja svatile goleminata na konkursot i pravoto na ucestvo i postojano ja mesaat politikata so uspehot i nemozat da ja prifatat realnosta edno objasnuvanje: Na ovoj konkurs pravo na ucestvo imale samo site onie koi sto se rodeni vo ’89 godina.Za da zboruvame za nasata istorija ne znaci deka treba da bideme rodeni pred 50 ili 100 godini, istorijata ne se menuva!Treba da se gordeeme so vakvite Makedonci i da zaboravime da ne pocituvame tugji uspesi. Da se zaprasame koja e idninata na ovaa individua?Dali ke najde zasluzeno mesto vo naseto opstestvo?Da ja pocituvame i da se gordeeme so nea!

  • cacka вели:

    Bravo za dobienata nagrada. Onie koi ne ja svatile goleminata na konkursot ne mozat da zboruvaat. Iskreni cestitki za dobienata nagrada. Bravo Milica, prodolzi ponatamu so mnogu uspesi.

  • Jessie J вели:

    Bravo Milica! Samo prodolzi taka. Iskreni cestitki za nagradata, prodolzi ponatamu so mnogu golem uspeh. <33

  • Klara вели:

    Iskreni cestitki za dobienata nagrada. Znaeme deka i ponatamu ke prodolzite so golemi uspesi. Makedonija treba da se gordee so vakvite luge. A vo meguvreme vi cestitame i za novata nagrada koja ste ja dobile na 4 januari za mokta na obrazovanieto da ja pobedi siromastijata. Bravo prodolzete samo taka, vie ste edna gordost (redkost) za Makedonija <3 <3 <3

  • маја вели:

    Бравооооооооооооооооссссссссссссссссссссссссссссссссссссссс!
    Гооооооолеми честитки за добиената награда. Убаво напишала Клара вие сте една Реткост вие сте ГОРДОСТ за Македонија.
    А во меѓувреме сакам да ви честитам и за новодобиената награда за која добив информација од вашиот фејсбук профил и од профилот за јавна личност и би сакала да ви посакам убав помин во Индија. Уште еднаш честитки и ви посакувам и понатаму да продолжите со вакви успеси.
    <3 <3 <3

  • Милица Петрова вели:

    На сите ВАС, кои што ги подржувате моите успеси ВИ благодарам од се срце и ВИ посакувам такви успеси да доживеете и ВИЕ!

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *