Top

Eдна празнина во еден човек

Ја знаеш празнината во себе, голема и празна, ама боли, а тежи како да го носи најголемиот товар, оној ништожниот, валканиот, ко со окови, окован во нас. А, празнина беше, барем така ја осеќав.
Некој можеби сака да знае за една празнина. Некој можеби и би читал за неа. Таа секогаш е тука. Во душата која се крие во најмалата точка од нас, во очите кои нè гледаат наоколу, во срцето кое не е секогаш цело, во здивот кој дише со прекини. Тогаш човек знае како е да си дел од некој живот кој не го живееш. Со маска на лицето од некој друг човек си даваш надеж за еден друг живот. Создавање на една илузија која не ја живееш. Умирање после секоја смрт и копнеж за еден твој живот. После оваа празнина јас знам само за една самотија на постоењето. Без неа. Заради неа. Поради тоа што една половина од мене не е веќе тука. Кога замина ја зеде и ме остави како половично делче кое сеуште ја чека неговата целина. Ме остави без сето она кое човек го има во еден живот, освен празнина. Ништо не е поголемо од неа. Ништо на овој свет не може да ја определи празнината на еден човек. Нити после еден пресушен океан не останува толку голема празнина, нити пак во најголемата пештера нема простор кој би останал така празен како еден човек. Веќе не знам за солзите кои оставаат траги на моето лице, нити за насмевките кои ги мрдаат нашите усни. Одамна веќе ги изгубив сите гримаси на моево лице. Со една празнина човек губи сè од она што го имал. На крај тој секогаш останува еден човек без еден живот. Станува едно незнајно постоење во еден свет, невидливо отсутен од неговиот живот. Јас сеуште ја знам мојата празнина во мене. Сеуште е тука и сеуште е иста. И би ви кажал дека таа вечерва само што исполни една страна од еден бел лист. Една празнина и еден исполнет лист се вечерва пред мене.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Eдна празнина во еден човек“: Миле Трајкоски

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *