А, погледот и сјајот во очите ја осветлува целата просторија, но тие со меките зборови ми ги читаат зборовите и преку трепкањето на клепките, ноншалантното движење на гласот од насмеаните очи. Само многу малку се луѓето со меки, ангелски зборови пред кои гласот ми излегува преку насмевнатите очиња. Помина многу време откако движењето на гласот е заробен во очите, кои чекаат да се врати тој што ги насмевнуваше.
И како пудинг од чоколадо од левата и сладолед од десната страна така беа сонцето и дождот денес. Слатко и од таму, и од таму.
Да не можеш да се одлучиш што е послатко, дали кратките панталонки или топлото ќебе и мислите на тацна во дневна соба.
Да, така ги оставам ги вадам од себе и ги ставам на тацна со талог од кафе во дневната соба на малата масичка, да се гледаат. Да видат минувачите колку талог има во нив, како заробеници кои се пуштени од затвор натежнати со долга брада и траги кои не се мијат со вода.
И убаво е вака во лесни пижами да ми бидат лесни соништата, мократа коса која паѓа на рамениците не пречи, секоја капка е спокојство на порите од душата. Да се земе воздух силно, со полни гради и да се задржи што подолго, со затворени очи ќе ги гледаш ѕвездите низ темното небо.
И да легнеме на грб, не мора да е удобно туку слатко. Да пиеме пиво, вода, коњак, џус, некоја течност да ги мие гласовите. Очите да не се спојуваат, а дланките да не се раздвојуваат.
Да војува мојата коса со твоите гради, отчукувањето од твоето срце да биде бас по кој ќе се движи мојата коса. Усните да бидат на врвот од денот, со недокажани нешта и остварени желби.
…и да легнеме на грб, не мора да е удобно.
Мириса на сенки, отворам прозорец и ми мириса на тебе што лежеш на грб, знам дека не е удобно со мојата глава над твоите гради. Заплеткана ми е косата, премногу бргу чука твоето срце. Снемуваме пиво,вода, коњак, џус не ни требаат, гласовите така и така не ги користеме.
Тишината зборува прегласно, нашите уши не можат да слушнат, глувонема е ноќта.
Секоја ноќ.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “И да легнеме на грб, не мора да е удобно“: Бренда Бочварова
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!