Top

Оттуѓеност од себе

Би пробал ли некогаш да изодиш барем една милја во туѓи чевли? Би се протнал ли некогаш во туѓа кожа, барем за момент да живееш со тежината на туѓиот емотивен багаж? Сите ние сме алчни, мрзливи, себични, завидливи створови кои веднаш би се подале по нечиј среќен живот, па дури и би ме зачудило некој без размислување да одбие. И ти сакаш да се откажеш од маката на утрешното изгрејсонце, нели? Не би ти паднало многу лошо да го дочекаш утрото гледајќи го небото низ туѓ ирис, да си ја насладиш душата со чај од јаболко и цимет, а можеби и пржена сланина… штом си веќе во туѓа кујна? Чекорењето низ ходникот ти е полесно, речиси лебдиш-како пердув. Се судираш со својот нов одраз во огледалото. Се врткаш неколку минути, доволно за да го запознаеш голото тело пред тебе. Се упатуваш кон огромниот шкаф во спалната соба и ги вадиш првите парчиња облека што ќе ти фатат око. Обична тексас фармерка и маичка со некаква апстрактна форма испечатена на неа. Сè уште ти е страв да експериментираш со остатокот од содржината во шкафот, па ова би бил соодветниот избор за да го започнеш опуштено новиот ден. Нема потреба од свечено “добредојде“, нели? На некој чуден начин се возбудуваш додека ја навлекуваш ткаенината на твојата нова кожа. Би можел да се навикнеш на тоа чувство… Патиките некако не се по твој вкус, но сепак ќе ги облечеш, со надеж дека ќе ти биде удобно на стопалото. На крајот на краиштата, тие и стојат таму зашто одговараат баш на истите стопала со кои што ТИ го започна новото патување. Чукни три пати со петите и прегрни го денот што се крие зад влезната врата. Или пред влезната врата? Сосем релативно, кој-како гледа на тоа. А и ирелевантен фактор во оваа приказна за да губиме време и да го коментираме, додека ТИ имаш мисија да го освоиш светот. Кога велам НИЕ, мислам на себеси и… на кожата што ја остави обесена на закачалка. Никој не посегна по неа, па ја земав до мене за да ми прави друштво… и заедно да ти правиме друштво на тебе во вкусувањето на новиот ден. Посегнуваш по клучот, го испружуваш десниот горен екстремитет кон клучалката и… Побогу, погрешен клуч. Само дали е од гаражата или поткровјето, кој да знае? Претурајќи низ десетина клучеви собрани на купче врз орманчето, конечно го најде вистинскиот, на кој има закачено и привезок на кој со печатни букви е спелувано: “ДОМА“. Како да те очекувале на тоа место.
Само што го пречекори прагот почувствува како мозокот ти се блокира, автономниот дел од нервниот систем ти откажува. Немаш доволно крв, а ниту кислород во мозокот… Симпатичкиот дел ти праќа анксиозен бран низ целото тело. Ги нема повеќе старите навики, луѓето кај кои до вчера си наминувал на кафе и колачиња, на местата што си ги посетувал секое утро за појадок и каде што те пречекувале со насмевка на лицето – сега си странец… Не биди будала! Зарем ТИ, што често си толку конфузен, што не можеш да се снајдеш во својата кожа, со толкава самоувереност дека ќе имаш целосна контрола ќе посегнуваш по туѓа? Знам една што совршено ти прилега. Можеби не е со совршен крој, но во неа секогаш ќе се чувствуваш удобно. Те чека сè уште тука, каде што ја остави. И без грижи, нема да ти го земе за зло тоа што си биполарно копиле.

Автор: ДЕА




2 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *