Пред извесно време бев запрашана што е мојата цел во животот? Работно, приватно, би требало да се однесуваше на секаков можен план. Да бидам искрена, не знаев што да одговорам. Прашањето “да се биде, или не” од мене бараше брз одговор, а ме замисли на долготраен ефект. Па боже Господе, ова не требаше да биде толку тешко, сите имаат некаква цел и порано или подоцна си ја откриваат истата. Но, јас едноставно знаев дека немам цел, немам план, воопшто и немам никакви желби. Ја гледав зачудено жената која ме интервјуираше, буквално блеев во неа додека таа зборуваше дека отсекогаш сакала да биде адвокат… а јас, јас завршив право со сите нишани, се мачев толку години за да добијам некојси сертификат, за на крај да не можам, (не сакам), ни да го искористам? Иронија на животот, уште една од многуте. Ако некој сакаше сега да сум тука, ако некој воопшто имаше некаков план за мене, требаше тоа да ми го соопшти уште на почетокот за да не се доведувам себеси во такви збунувачки ситуации.
Јас отсекогаш викав и сеуште си стојам на истото, дека ќе терам таму каде што ќе ме однесе животот. И навистина, секогаш бев таму каде што дуваше ветрот. Правев работи неплански, без да размислам зошто ги правам и без да барам причини. Јас сум само уште една девојка која направи многу работи во еден точен тајминг. Можеби таа девојка не ги правеше секогаш работите кои ги сака, но секогаш ги правеше оние кои мислеше дека се правилни.
Што и да правев, колку и да се трудев, никогаш до сега не ми падна на памет дека мојот фиктивен одговор можеби стои баш во овој текст, во моето мало катче за слободно изразување. Можеби таму некаде, некој навистина има нешто поголемо за мене… можеби се што треба е да пишувам и да не се преоптоварувам со непотребни прашања. Се додека не се пронајдам целосно себеси, во мојата глава ќе одзвонува само едно нешто: “Пишувај, пишувај, пишувај… тоа е она што ќе ти остане!“.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Оптимистичка конфузија“: Наташа Петровиќ
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!