Додека одев по мојата омилена улица и гледав како патиките ми се валкаат на остатоците од дождот кој предмалку ги остави здогледав црвена роза. Црвената роза беше во раката на еден дечко кој до мене се најде како случаен минувач. Тој воопшто не ги забележуваше и одбегнуваше водените остатоци, кои јас нервозно ги одбегнував. Беше забрзан и насмеан. Брзо се оддалечи од мене, а јас подзастанав и се потпрев на вратата од еден влез на една од многуте згради кои беа наредени една до друга низ улицата. Се замислив. Црвената роза толку ме разнежни и ми ги забрза мислите кои веднаш се најдоа до мојата роза. Навистина црвените рози ми беа омилени да ја израдувам мојата убавица, без разлика колку ќе ѝ подарам. Беа преполни со љубов колку што беа црвени. Помислив на тоа дека сеуште ме прави среќен моментот и уште повеќе заљубен кога ќе ја видам розата што ѝ ја подарив за нејзиниот лански роденден, ставена во убавата не многу голема вазна која стоеше на белата масичка до прозорецот, како цветен украс. Се запрашав дали има нешто поубаво од тие моменти кои едноставно животот ти го прават совршен. Моментите на радост и исполнетост. Бакнежите кои ниту еднаш не посакав да се одвојат од моите усни. Љубовта. Силната и чиста љубов која за прв пат ја почуствував откако сум со неа. Толку убаво ме стресе ова чувство што како нешто да помина низ мене. Пред да продолжам, го поднаместив тегетниот дуксер, ги забришав патиките колку што можев со една палома која ја најдов во еден од џебовите на фармерките, и продолжив. Кога веќе дојдов кон крајот на улицата да поминам од другата страна, оддеднаш се појави цистерна. Толку силно прскаше што наместо набрзина да се тргнам, јас останав, а со тоа патиките беа сосем намокрени како и долниот дел од моите фармерки. Како и да е, не придадов многу внимание на мокрите работи кои беа на мене, бидејќи кога се завртив кон цистерната, повторно го здогледав дечкото кој предмалку ја носеше розата која сега беше во рацете на една насмеана девојка. Се насмевнав и одев така насмеан се додека не се приближив на улицата на која што живеам. Искрено, се враќав дома без надеж дека ќе сретнам некој, но кога најмалку очекував ете таа стоеше пред мене. Целиот свет сега беше убав во моите очи. Пред мене беше таа на која мислев едноставно секој миг. Девојката која ми значи сè. Следуваа долги бакнежи кои ме опиваа како најсладок пијалок, нежни милувања, како и задоволства кои се редеа едно по друго…

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Таа е мојата роза“: Велибор Бубулевски
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!