Top

Нема лесен начин да кажеш „збогум“

Понекогаш ми се чини дека сите околу мене прават нешто со животот, а само јас тапкам во место. Тоа не е моја вина, животот си лета, а јас свиркам, зошто нели… има време за сè. Си правам тунел во срцето низ кој поминуваат многу луѓе, некои си одат, некои остануваат на подолго време, а има и такви кои воопшто не сакаат да бидат дел од него.

Колку и да сакаш да запамтиш некои моменти, тие се случуваат само еднаш. Колку и да сакаш да направиш нивна реконструкција и да ги доживееш повторно, тие не може да бидат исти. Секогаш нешто ќе се разликува, секогаш некој ќе фали, некој ќе квари просек, а ти ќе сфатиш дека не си уживал доволно додека претходно траеле.

Исто се случува и со луѓето кои поминуваат низ твојот живот. Ретки се оние кои секогаш се тука. Ги пушташ блиските да одат далеку од тебе, свесен за тоа дека ќе помине доста долго време додека пак не ги видиш, но не можеш ништо да направиш околу тоа. Тие си го живеат својот сон и единственото нешто што ти преостанува е да им посакаш среќа. Моментите кои ги поминуваш со твоите избрани луѓе се тука, само еднаш, само сега. Времињата се менуваат, животот си добива свој тек, ништо не стои во место, иако сите би сакале да е така.

Да не мудрувам многу, јас мразам поздравувања на подолго време. Не сакам да ги наречам збогувања, бидејќи така добиваат преносно значење, многу поголемо и потешко за прифаќање. Тешко е да се одделиш од луѓето кои ти значат, уште потешко е да ги пуштиш да продолжат сами, но цената на промените кои неопходно се случуваат е таа, сурова, но истовремено и многу важна. Важна за нив, за твоите сопатници кои имаат други планови, различни од твоите. Затоа чувај ги луѓето блиску до тебе додека ја имаш таа можност, уживај во заедничките моменти, радувај им се како дете, бидејќи само така можеш да ја пополниш празнината во срцето откако тие заминуваат.

Автор: Наташа Петровиќ




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *