Top

Несудени

Ти си храбар. Јас сум плашлива. Ти си снаодлив. Јас сум наивна. Ти си безгрижен. Јас сум постојано под стрес. Ти си едноставен. Јас сум комплицирана. Ти си приземен. Јас сум илузионист. Јас сум ноќ, а ти ден. Во ниту една паралела не наидовме на сличности, а сепак нашите разлики се собраа во фокусот на љубовта. А, и таа ни е далечна, поинаку насликана во моето, а поинаку сфатена од твоето срце. Јас, безнадежна романтичарка со апстрактен поглед на возвишување и изгубена во бескрај на она што бајките им го продаваат на децата. Занесена со главата во облаци, премногу чувствителна и премногу неиживеана за да најдам затишје во вистинското лице на љубовта – во твојата љубов. Онаа која е симбол за реалноста на една љубов, за земските одлики кои ја карактеризираат истата, за недостатокот на патетика и спојување врз основа на телесни задоволства. И двете се повикуваат на општите критериуми за љубовта, во иста насока, но комплетно различен правец. Како можеме да функционираме како заедно сплотени вљубеници кога со секој чекор што било кој од нас го прави, сè повеќе се оддалечуваме? Зар е возможно на оската на нашата поврзаност некогаш да се сретнат позитивниот и негативниот дел?

Апсолутно невозможно.

Всушност уште на самиот почеток сум губитник, погрешно насочен патник кој е заглавен низ кориците на некои правила и непишани закони и не може да се соочи со опуштеноста во твојот свет. Живеам како некој прирачник со огромна листа на она што треба и не треба, на она што смее и она што не смее. Мојата несигурност и твојата решителност горко се спротиставуваат на заедничкото ние. Целата таа незаинтересираност во твојот пристап, разочараноста во твоите зборови и заситеноста од мојата недораснатост оставаат замаглени таги во нашата комуникација. Ја уништуваат, полека и бешумно, со вештина на тивок, но безмилосен убиец.

Ти сонце, а јас месечина. Ти таму, а јас овде. И не дека сме толку далеку колку што сме недостижни. Несудени.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Несудени“: Луна Марија

Станете наш facebook фан.




1 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *