Денес паметам само еден ден. Од тој ден не паметам за други денови. Не знам за време кое изминало и живот кој поминал низ него. Сè остана како тогаш. Небо полно облаци и улици полни со дожд. Една слика и едно сеќавање. За неа. Една разделба и очи полни солзи кои не се гледаа од дождот на моето лице. Едно умртвено лице и една прегратка за крај. Прегратка полна болка. Душа која веќе се уби тој миг. Срце кое заборави за љубов. Очи кои заборавија за среќа. Од тогаш живеам само еден живот со надеж и илузија. Моја илузија за едно нејзино враќање. Од сето тоа имам само празни очи и време на чекање. Време кое не го познавам. Се изморив од чекање. Се изморив и од тоа да гледам низ просторот, а да не ја видам мојата половина. Цело време за тоа. И за малку надеж. Со бразди од солзи на моето лице сеуште сум тука. На едно место сеуште те чека еден човек. Со остарено лице. Со глас кој самиот не си го слушнал одамна. Со идеи и мисли. Понекогаш си подарувам слики кои не ги гледам колку за да измамам една лажна насмевка на моево лице. Само за тоа. Нити птиците не пеат повеќе на ова место. Овде навистина нема ништо освен моето чекање. Само половина човек кој одамна не знае за неговиот живот, ниту за неговата љубов. Иако секој ден си подарувам празни кутии со надеж и бакнежи. Од соништа исткаени во различни бои ќе ти ја исцртам твојата сенка. Како остарена сенка која веќе нема сила и црвена коса на нејзината глава. Како денот кој се изморил и заминува од мене до наредното утро. Како вајари кои ги вајат своите статуи без живост во нив и ги оставаат на плоштадите од копнежи. Очи кои без сјај уморно гледаат и тело кое затреперува секогаш кога ќе му дојдеш како слика во неговите мисли. На твојата сенка газам без прегратки и со спомени секоја вечер, на таа твоја сенка секоја вечер оставам по една солза.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Чекање на еден нов ден “: Миле Трајкоски
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!