Top

Името без Ј

Расположение на минимално ниво, ништо ново. Почнав да уживам во сопствената мизерија. Во човечката монотонија од која толку многу стравував, сега мое секојдневие. Се будам од сон уморна. Колку и да спијам секогаш исто се чувствувам.
Детето кое живееше во мене, кое како секој ден да му беше последен сега го нема. Детето кое се радуваше на животот и на секое ново утро. Некој го порасна и ми го зема. Остана само желбата за небото. Небото како единствено нешто кое продолжи да ме смирува. Што ако и тоа исчезне? Што ако и него ми го земат? Што тогаш? Тоа сигурно ќе биде крајот на мојот живот. Крајот кој не го сакам, ама од кој не можам да побегнам. Само пред еден човек метафорички сум гола… Само пред тебе изведував душевни стриптизи. Ги отворав картите уште пред крајот на играта. Бев сигурна во тебе. Во твоите смирувачки погледи. Не можам никому да се предадам ни третина како што се предадов тебе. Тоа како да не ти беше доволно, телесното предавање ли го сакаше? Клучот секогаш ме спречува, ги заклучува портите на моето уживање. Тоа не можам да го променам, а ти не успеа да дознаеш дека имаше една врата без клуч. Ти бев убава и обична, а цел живот мислев дека сум комплицирана и чудна. Во спротивното ме убеди. Ме научи да ги гледам нештата од моите преку твоите очи. Сè беше идилично, до моментот кога почнав да стравувам. Да се плашам од студот кој може да ми го совлада голото тело. Стравот дека нема што повеќе да ти кажам, а тоа да не биде досадно и глупаво. Тој ме победи, а јас… Јас повторно се скрив во школката која ја носам на грбот. Останав само чувствително ракче во водите на океанот. И сега, сега убаво ми е. Не ми е тешко, се навикнав. Единствена утеха ми е дека сè се случува со причина. Дека ништо не е случајно. Ако немам повеќе прилика да уживам во твоите разговори секогаш ќе ја паметам есента со тебе. Ќе го паметам твоето име без Ј. Можеби засекогаш скриена.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Името без Ј“: И.Т.

Станете наш facebook фан.




1 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *