Top

Витамин Д

Витамин Д или калциферол, е од суштинско значење за силни заби и коски. Витаминот Д е растворлив во масти и ја регулира апсорпцијата и употребата на минералите калциум и фосфор. Витаминот Д е важен и за нормален раст и развој и превенцијата на рак на дебелото црево.

Изложувањето на сонце е примарен начин за добивање витамин Д. Летно време, потребни се околу десетина минути днево, на сонце за да се произведат адекватни количества на витамин Д. Во зимските месеци, изложувањето на сонце треба да е подолго, околу два часа. Многу луѓе во зима не го произведуваат потребното количество витамин Д, но го користат вишокот кој е складиран во летните месеци. Витаминот Д го има во рибиното масло, путерот, јајцата и збогатеното млеко и житарици со витамин Д. Млечните производи, за повеќето луѓе се главен извор на витамин Д. Организамот нема да произведе премногу витамин Д доколку предолго се изложува на сонце, но бидејки витаминот Д се складира во масните ткива во организмот, можно е предозирање со суплементи.

Кај возрасни, лесен недостаток на витамин Д се манифетира како губиток на апетит и тежина, проблеми со спиењето и дијареа. Потежок дефицит предизвикува омекнување на коските и мускулни грчеви. Кај деца недостатокот на витамин Д е причина за рахитис (искривување на коските и неправилен раст).

Најверојатната причина за недостаток на витамин Д е неадекватно изложување на сончева светлина. Луѓето со потемна кожа апсорбираат помали количества на УВ зраци. Веганите или било кој којшто не внесува доволно млечни производи со исхраната, а во исто време не се изложува доволно на сонце, исто така има зголемен ризаик за дефицит на витамин Д, како и постарите лица, поради намалената способност да синтетизираат витамин Д.

Бебињата обично се раѓаат со девет месечна залиха на витамин Д . Исто така и доенчиња после девет месеци кои не добиваат млеко збогатено со витамин Д и соодветно изложување на сонце исто така имаат зголемен ризик за дефицит на витамин Д. Како што е случај и со другите витамини, прекумерната употреба на алкохол има негативен ефект врз апсорпцијата и складирањето на витаминот Д. Кај населението во сиромашните, неразвиени земји, почесто се јавува дефицит на витамин Д, како и на други витамини, поради недоволен внес со храната. Други групи на луѓе каде се потребни повисоки дози на витамин Д, од просечните се кај лица кои имале хируршки зафат, поголеми телесни повреди или изгиреници. Зголемен стрес и хронични исцрпувачки болести, исто така бараат повисоки дози на витамин Д.

Автор: Д-р Дарко Стојановски




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>