Top

Како да се избере вистинската кариера?

Топли, долги денови, високи температури, летен распуст, избор на идеална локација за летување… Тоа се најчестите асоцијации кои секој од нас ги врзува за летото и трите жешки месеци. Но, за сите матуранти овој период значи многу повеќе. Со завршено средно образование и положена матура, од нив се очекува донесување една многу важна одлука – каде понатаму? И додека некои уште од мали знаеле “што сакаат да бидат кога ќе пораснат”, за некои тоа е голем проблем… да се избере кариера која им лежи, кариера која има перспектива или едноставно кариера која ќе им донесе пари?



Драги матуранти, нема место за паника. Вдишете длабоко и прочитајте неколку наши совети за да го направите вистинскиот избор.

1. Кои вештини ги поседувате сега?
Важно е да си го поставите ова прашање, бидејќи многу е полесно да изберете кариера која ќе значи проширување на вештините кои веќе ги поседувате. Гледајте на тоа како потенцијал од кој сеуште не сте го извлекле максимумот, па со професијата која ќе ја изберете сето она што веќе го имате во себе, ќе го надоградите и усовршите. Така вашата идна професија нема да биде само уште една обврска која морате да ја извршувате секојдневно, туку ќе претставува пред сè, задоволство и ќе се чувствувате исполнето додека ја работите. Затоа запрашајте се, кои се вашите вештини? Работа на компјутер, пишување, музика, истражување, дизајнирање, организираност, социјализација… за сите вештини постои професија во која истите ќе дојдатдо израз.

2. Кој предмет од средното училиште најмногу го сакавте?
Многу често, индикатор за вашите вештини или за она што ве “влече” во животот е предметот за кој сте најмногу заинтересирани во текот на средното образование. Ако сте добри математичари и уживате решавајќи математички проблеми, тогаш нема да згрешите ако изберете некој технички факултет; ако ги сакате јазиците и лесно се снаоѓате на часовите по странски јазици, нема да се покаете ако изберете да се занимавате со лингвистика; ако сакате предмети како хемија или биологија вистинскиот избор би бил професија од областа на медицината или фармацијата. Со овие очигледни примери само сакаме да ја доловиме поентата на овој совет – не е случаен предметот што го сакате во средното училиште, тој само е вашата водилка кон она за што генетски и како личност сте предодредени да го работите во иднина.

3. Фокусирајте ги вашите вештини кон конкретна професија.
Ова е чекор понатаму во откривањето на вашата идеална професија. Сега, откако ги знаете вашите вештини и вашето искуство со предметите од средното образование, време е да погледате кои се професиите во кои може сето тоа да се примени. Дијапазонот е сеуште широк, затоа мора суштински да ги разгледате изборите кои ги имате пред вас и да навлезете подетално во она што секоја професија го опфаќа. Професиите кои ќе ги истакнат вашите вештини, на пример во организација, може да значат дизајнер на ентериери или пак координирање на тим од професионалци; aко вашата силна страна се природните науки, опфатот почнува од растенија преку живи суштества, па се до лабораториски истражувања. Кога ќе знаете повеќе за полето на интерес на конкретната професија ќе ви биде полесно да го елиминирате она за што навистина не сте заинтересирани и покрај тоа што таму се применуваат некои од вашите силни страни.

4. Намалете го изборот.
Сетете се на некои проекти кои сте ги работеле во текот на досегашното школување. Во што најмногу уживавте при изработката на истите? Што беше тоа што најмалку ви причинување задоволство? Со одговарање на овие прашања ќе добиете појасна претстава за вашиот карактер и за вашите особини како личност. Ќе знаете дали ве фасцинирал самиот процес на изработка на проектот, можеби групната работа или едноставно сте уживале кога својот труд требало да го презентирате пред група луѓе. Тоа е многу важно, бидејќи за да бидете успешни во одредена професија значи и да се носите со сите активности кои ги бара истата. Ако не сакате јавни настапи, презентации пред полн аудиториум, тогаш треба да ги избегнете професиите кои го бараат тоа од вас; ако не успевате да го наметнете своето мислење или ако не влијаете на луѓето онака како што сакате тогаш прецртајте ги професиите како продажба, маркетинг или се она што бара од вас да го убедите или уверите клиентот. Не сакате теренска работа? Во тој случај отпишете ги од вашата листа професиите како градежништво, архитектура, археологија…

5. Не го потценувајте вашиот талент.
Ви се случило сигурно да добиете пофалба за успешно завршена работа или да добиете висока оценка за нешто што за вас и не е некое значајно достигнување, со оглед на тоа дека не ви бил потребен многу напор за да совладате одредена работа и да ги постигнете позитивните резултати. Меѓутоа таквите ситуации не треба да останат занемарени. На пример одлично се снаоѓате при работа со компјутер; тоа не треба да се зема “здраво за готово” или да сметате дека тоа е некое базично ниво кое сите го владеат. Можеби токму тоа е вашиот талент и многу е важно да го искористите максимално и во вистинска насока. Секој има свој талент, кај некои е очигледен, а некои несакајќи го прикриваат сметајќи дека не е нешто посебно она во што се добри. Ако сте од оние вторите, застанете отстрана и погледнете ги објективно работите, мора да постои нешто што правите подобро од останатите! Тоа може да биде уште еден знак и насока во изборот на вашата идеална професија….

Матуранти, со среќа!

Автор: Вања Кочовска

Сакате да објавите статија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *