Top

Верувате ли во сродни души?

Во едно модернизирано време кога голем број на познанства се случуваат преку социјалните мрежи, убавите приказни посветени на некое големо пријателство се исклучително ретки. Но, тоа не значи дека познанствата преку интернет не можат да бидат убави, вистински и подеднакво важни.
Во нашиот живот секогаш ќе има луѓе кои ќе означат одреден негов дел на свој специфичен начин. Ќе постојат оние кои никако нема да се вљубат во тебе, оние кои ќе ги презираш на почетокот и ќе пробаш да ги оттурнеш од себе, но на крај ќе излезе дека тие се посебни, бидејќи по правило, секогаш се враќаат. Лицата на нашите добри другари се како сонце, буквално ти го разубавуваат денот со својата насмевка, но постојат и оние од чии очи би можела да биде насликана и најтажна слика. Сите тие се исклучително важни за нас.
Лудата идеа да пуштиш перфектен странец во ова наше време и да му признаеш сите свои падови и стравови, не доаѓа со упатство за користење и не спаѓа во најпаметните. Понекогаш без причина одлучуваме да веруваме на одредени личности и да им го раскажеме целиот свој живот, да го споделиме со нив секој настан во него и секоја болка. Но, ова не го пишувам со цел за да се уверам себеси или било кого дека не е убаво да веруваш во човештвото. Напротив, тука лежи најголемата причина зошто некогаш треба да веруваме на луѓето кои не ги познаваме.
Пред извесно време ѝ ветив на една моја прекрасна пријателка дека ќе напишам приказна за да ја развеселам, бидејќи поминуваше низ тежок период во својот живот. Таа две години немаше стапнато на оваа земја, се навикна на сосема поинаков живот и не можеше воопшто да се помири со фактот дека тој одново треба да и почне тука. Беше странец во сопствената земја, изгубена птица која не знаеше ни што воопшто прави со себе, но за мене таа сеуште беше онаа фина девојка која ја познавав и засакав.
Ја запознав на чуден, поврзувачки начин. Двете сакаме исти работи, делиме исти мислења, а во поголемиот дел од времето, меѓусебната телепатија е толку голема, што најчесто си ги довршуваме и започнатите реченици. Таа е особено важен човек во мојот свет и додека сите пријатели кои ги запознав преку интернет ми се битни и со сите пробувам да оддржувам редовни контакти, таа секогаш ќе остане личноста која знае сè за мене.
Велат далечината ја продлабочува блискоста меѓу луѓето и прави тие да бидат странци и да се забораваат, но ние две не си го дозволивме тој луксуз да го изгубиме нашиот контакт ни додека бевме одделени со илјадници километри. Нашето пријателство секогаш растеше и стануваше се поцврсто. И еве сега таа е повторно тука, секогаш знае што ми се случува и претставува огромна поддршка во тешките денови…
Никогаш не си дозволувајте да ги изгубите луѓето кои го прават вашиот живот комплетен. Не дозволувајте времето, далечината или животните (не)прилики да ве натераат да заборавите на вашите верни пријатели. Човек без пријател е како куќа без покрив, куче без сопственик, старец без часовник.

Посветено на мојата сродна душа.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Верувате ли во сродни души?“: Наташа Петровиќ




1 Коментар

  • Martina Maneva вели:

    Дали и вие се чувствувате како мене?Изгубени, збунети, обесхрабрени…
    Открив ладно срце кое изгубило надеж да сака, изградило непробојни ѕидини полни горчлива суровост.
    Можеби требаше да ти речам ‘секоја чест ‘…но немав ни зборови тогаш.Имав само збунет поглед затечен во екот на најголемата бура на среќа дотогаш…а одтогаш?Одтогаш само спомени и ветришта ладни.
    Те барав, во секого те барав…Не бев повеќе затворена, не бев ниту тажна – барем така другите велеа.. но бев огорчена, а тоа ретко кој го знаеше.Никој неможеше да продре во длабочината на моето срце…никој не можеше да ги види раните и да ја почувствува болката.Се секаваш ли како ми кажа?Безобзирно, ладнокрвно…и како потоа уште еднаш ми направи илузија за пак да ме фрлиш?А јас бев тука цело време…бев до тебе како песот до својот господар.Ја идеализирав твојата убавина, сонував за твојата насмевка, бев само твоја…ти не беше мој.

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>