Top
kosta-petrov-tugjinata-pusta-da-ostane-iLike-mk

Коста Петров: „Туѓината пуста да остане!“

Сестра ми после три недели поминати во Македонија, утре се враќа за Прага. Веќе 8 години е излезена од земјава. Има добра работа таму. Има супер живот. Работи на исполнување на своите соништа и се бори. Горд сум на неа. Но, во исто време и тажен.
Срцево ме боли.

Во Прага ги нема мајка ми и татко ми. Во Прага не сум ни јас, ниту мојата тригодишна ќерка која последниве три недели се будеше со една мисла – сакам да одам кај тета Нене. Што ќе ѝ кажам од утре? Тета Нене е во Прага. Тета Нене таму живее и има супер живот. Можеби и ние ќе одиме во Прага летово да ја видиме. Исто како лани што бевме.

Се сеќавам минатото лето кога тргнавме на пат за Прага на секое застанување за одмор, ќерка ми со најубавата насмевка на лицето нè прашуваше, тука живее тета Нене? А, ние среќни дека наскоро ќе ја видиме сестра ми ѝ одговаравме, уште малку. Уште малку ќе стигнеме таму каде што живее тета Нене. Сестра ми не е првиот член од нашата фамилија што решил да ја наушти нашата земја и да ја бара среќата на некое друго место.

Дедо ми уште во 70-тите заминал во Швајцарија за да создаде нешто за неговото семејство. По него заминале и моите двајца вујковци. Во 90-тите кога Југославија се распадна, за Швајцарија замина и татко ми. Една деценија подоцна и јас си отидов, а неколку години после мене и сестра ми ја продолжи семејната традиција.

Не можам да замисам колку ѝ било тешко овие три децении на мајка ми. Прво го испратила татко ѝ во туѓина, па браќата, па сопругот и на крај двете деца. Не можам да замислам колку солзи исплакала по аеродромите. Прво радувајќи се за нашето доаѓање, а потоа плачејќи за нашето заминување. Сигурен сум дека се радувала за нашите успеси, но во исто време знам дека душата ја боли што ја немала можноста да сподели случки од секојдневието со луѓето што најмногу ги сака.

Се сеќавам прв пат кога го испраќавме татко ми за Швајцарија. Како секое дете се радував бидејќи татко ми ќе ми донесе подароци кога ќе се врати. Се радував што ми купуваше нинтендо, најновите патики и фармерки. Но, само по една година сфатив дека не сакам веќе поклони. Сакам татко ми да ме однесе во школо. Сакам да ја имам можноста да му кажам дека го сакам. Сакав да ја имам можноста да се скарам со него. Но, ја немав!

Тогаш го обвинував што реши да оди во Швајцарија. Но, сега знам поинаку. Да не отидеше таму никогаш немаше ние да го имаме животот што денес го имаме. Вистината е дека имавме сè што ќе посакаме. Но, вистината е дека и никој не може да ги врати осумте години исполнети со самотија. Осум години исполнети со болни испраќања. Ниеден подарок не може да ја надополни болката што ја чувствував кога првиот ден во училиште татко ми не беше покрај мене. Знам дека отиде да се бори за нас, но потајно во мене се прашувам што ќе беше ако останеше тука. Никогаш нема да дознаам.

Она што го дознав е болното чувство на разделба. Чувството кога се будиш сабајле и сфаќаш дека за неколку часа леташ со авион, назад во туѓина. Си бил дома три недели и одеднаш те фаќа паника дека не си поминал доволно време со твоите. Дека имаш уште толку многу работи да им кажеш, но едноставно времето те гази. Посакуваш да го стопираш времето и бар уште неколку саати да поминеш со нив. Уште еднаш бар да ја имате можноста за семеен ручек. Уште еднаш да се насмеете. Но, ја немаш таа можноста! Полека ги пакуваш куферите и несвесно солзите сами почнуваат да течат. Едноставно не можеш да ја скриеш болката. Знаеш дека за неколку часа ќе бидеш далеку од сите оние кои најмногу ги сакаш.

Ја сфаќам мајка ми која никогаш не сакаше да дојде на аеродром да нè испрати. Ни мене, ниту сестра ми. Болката за неа беше и сеуште е преголема. Три децении ја испраќа фамилијата по аеродроми. Знам дека утре ќе сака да биде сама. Знам дека утре ќе спие во собата на сестра ми бидејќи така ќе мисли дека е поблиску до неа. Не е лесно да се испраќа свое чедо далеку негде. Сите сме среќни за нејзиниот успех, но себично сакаме да биде секогаш до нас.

Да, во денешно време постои скајп. Постои вајбер. Но, некогаш сите овие технологии само уште повеќе ја зголемуваат болката во душата. Преку скајп можам да ѝ кажам на сестра ми дека ја сакам, но не можам силно да ја прегрнам за таа навистина да ја почуствува мојата љубов. Имам само неколку дена во годината да го направам тоа.

И утре ќе ја прегрнам и иако сум вол од 30 години ќе плачам како дете. Ќе плачам бидејќи таа проклета туѓина повторно ми ја зема мојата сестричка. Ќе плачам бидејќи знам како ќе ѝ биде. Ќе ѝ биде проклето тешко. Ни таа нема да ги сокрие солзите. Едноставно тагата е преголема. Нема потреба веќе од глумење. Сите знаеме дека е тешко!

Ах туѓино, нѝ донесе толку многу работи во животот, но те мразам бидејќи нè раздели. Те мразам бидејќи нѝ ја одзеде можноста да бидеме сите на куп. Те мразам бидејќи ќерка ми ја нема можноста да ја види тетка ѝ кога сака. Те мразам што поради тебе мајка ми плаче веќе три децении. Те мразам бидејќи толку многу нѝ даваш, но и толку многу ни земаш.

Среќен пат, сестро! До нашето следно видување, биди среќна во туѓината!!!

Извор: Лидер.мк




8 Коментари

  • Кирил Цветков вели:

    Господине Петров, грешка сте. Не е туѓината таа која треба пуста да остане, туку смрдената Македонија. Туѓината не е таа која ве разделила, туку скапаништето наречено Македонија. И јас сум во Чешка веќе четири години, сосе жена ми и 5-годишната ќерка и многу ни е убаво и скраја да е да се вратам Долу, таму кај што вечно сивило сивее. 20 години сум дипломиран земјоделски инженер и долу бев на работ на самоубиство, а тука конечно можам да му се радувам на животот. Јас имам не една, ами 3 (и со зборови: три) сестри. И прекините веќе други (во овој случај Туѓината) да ги колните заради сопствените (во овој случај Македонија) грешки.

  • Natasha вели:

    Bravo za komenrarot na Kiril ne za tekstot se na mesto kazano

  • Risto вели:

    Поентата е друга. Еве јас сум во Германија сам секој ден се слушам со жена ми и ќерката но не се тука со мене а малиот син 6 месеци поминаа времето кое го изгубив не гледајки како расте нема да се врати. Знаеш колку е тешко кога ќерка ми ќе ми каже тато јас се грижам многу за тебе кога ќе се вратиш сакам да си тука со мене тоа боли и тоа како. Тоа е кажано во текстот инаку во ништо не може да се мери животот таму и тука и прашање на време кога ќе бидеме сите заедно но времето изгубено без фамилијата никогаш нема да са надомести. Поздрав

  • Swea вели:

    Sosema korektno napisano vo prviot komentar.Naslovot moze da se smeni vo Smrdlivata Makedonija pusta da ostane.I jas imam sestra i 2 vnucinja koi sto premnogu mi nedostasuvaat premnogu.Ziveam vo Stockholm veke 7 godini i na pamet ne bi mi padnalo da se vratam u Mk.Da ne povlekuva mazot mi i da me tera da odam (toa go pravam ednas vo 3 godini)jas ne bi odela ni na kratok odmor tamu.Sekoja cena se plaka vo zivotot.Rado bi plakala na moite najmili da doagaat ovde nego li jas da odam i da se gusam vo toj narod nemastija i depresija.Ovde nemoram da go slusam jazikot koj ne mi prija na usite i da platam pari za da se zaposlam i zgora na seto toa da bidam maksimalno zloupotrebena i iskorostena na rabota.Tesko na tie sto pominuvaat sekojdnevno torturiranje na svoeto rabotno mesto za 12 000 denari.Za socijalniot sistem da ne pocnuvam da sporeduvam.Jas ja sakam mojata sestra J i mnoite vnucinja najveke na svetot.Ama Smrdliva Makedonija si e smrdliva Makedonija..pusta da ostane

  • BT Korzo вели:

    Abe brat…ima avioni, vozovi, brodovi, koli…vratete se i guškajte se so Vašata mila majka. Ama…izgleda umot Vi se meli i pri samata pimisla deka kolite ne zastanuvaat na pešačkite premini, deka treba bez malku cela pretstava da odigraš pred lokalniot kasap za da ti dade poubavo parče meso, deka kičmata i nervite ke gi iskiniš po šalterite, deka ke treba sto gazovi da izlužiš za sa ti svršat nekoja obična usluga…itn. Ajde fakjajte bilo što i pravec Makedonija

  • Клошар вели:

    Ристе има еден проблем.Ние сакаме пари да заработуваме и да печалиме.Па кога ќе си одиме Македонија да трошиме…..
    Земи си ги со тебе ќе си бидат и ќе си живееш бомбона живот…
    Можеби другата фамилија ќе фали ама сопствената имај ја покрај себе……

  • м вели:

    Па ако ти е пуста туѓината, седи си дома со мајка ти и работи си за скромна платичка, од која и сирењето ќе ти биде луксуз.
    Македончето и денес успешно наоѓа начини да побегне од секојдневните политички угнетувања во сопствениот двор, за да најде подобар и мирен живот.
    Таму кај што сум јас, не ме прашале кој ми се родители, не ме прашале дали сум гласал на избори, а уште помалку пак, која партија ми е омилена. Појма немам ни кои се локалните политичари, а искрено и не ми е ниту потребно да знам.
    Станувам секое сабајле, идам на работа, си земам плата. Еве веќе две ипол години како откако дојдов, а пред некој ден пак ме унапредија, трети пат за една календарска година. И пак, никој не ме праша од кај сум. Работам напорно, не фаќам кривини, си ја знам работата.
    Само со работа се постигнуваат успеси, не со кукање.

Оставете коментар

Вашата имејл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *