Top

Студени жештини

Секој ваков обичен вовед, води до заплеткан крај. И кога на страна од сè, зборовите се единственото нешто што го имаш, не се познава крајот ниту на воведот, ниту на заплетот, ниту на расплетот, вушност, постои ли крајот?

Нозете што чекореа по жешкиот асфалт низ улиците, беа целосно боси и речиси целосно уништени од горештината на подножјето. Носеа со себе црни темни очи, во коишто беше речиси болно да се погледне, имаа болест, заразна болест во длабочините на зениците од двете очи. Несреќа. И никој не го забележа тоа поради насмевките коишто чиниш и самите се радуваа на нивната убавина. Телото беше сосема изнемоштено, но се држеше доволно силно, за да го додржи новокупениот фустан, за утеха, за да го издржи чекорот на високите потпетици чиишто димензии веќе беа мали за новите патишта.

На крајот од патот, повторно немаше крај. Бесцелно е да продолжиш да чекориш кон цел, којашто никогаш не се гледа. Така и таа, речиси се откажа од далечините, речиси заборави на патот позади и застана во место. Какво беше тоа место на коешто застана? Одоколу немаше ништо, освен студ во топлиот летен ветер. Низ косата уште се лелејат чудни мириси. Се изгуби целосно.

Дента кога ќе падне ќе биде премногу тешка за кревање. Но, не жали, не жали за ниту една рана, ниту за краткоста на годините, беа доволни, доволни за сè, и за љубовта, и за злото, и за доброто. Беше со отворени раце за сè, до тогаш додека студот и пламенот ќе ја завршат војната вo нејзиното срце.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Студени жештини“: Симона Николоска

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *