Top

Спомени

Уште едно утро осамна. Таа стана од креветот и се упати кон огледалото. Се погледна и не го препозна својот одраз во него, лицето избледено, а очите потечени и крвави. Повторно заспала плачејќи. Гледаше долго во огледалото испитувајќи ја секоја црта на нејзиното лице. Изгледаше измачено, изморено, остарено. И беше мачно да се гледа таква. Уште една солза и се стркала по образот, со еден потег ја избриша и отиде во бањата.

Се врати во својата соба и повторно се погледна во огледалото. Неколкуте капки вода не ѝ ја вратија свежината на лицето. Беше свесна дека само се уништува, секој ден сè повеќе и повеќе. Длабоко воздивна и си рече: “После дождот сонце изгрева. Ќе изгрее и за мене, само треба време.“. Знаеше дека ја чека уште еден напорен ден. Треба да се појави насмеана пред нејзините родители, да се смее и забавува со другарките, да биде сконцентрирана на предавањата. Не сакаше својата болка да им ја пренесува на другите.

Пиејќи го своето кафе, размислуваше: “Што ме уништи толку многу? Помина цел месец, а јас сеуште не можам да го заборавам. Сè ме потсеќа на него, на времето што го поминавме заедно. Колку само бев среќна и исполнета, како целиот свет да беше мој. Бев силна додека го рушев тоа, а сега кога ги гледам урнатините, плачам. Не бев свесна колку го сакав, но знаев дека тој мене ме сака.“. И повторно се расплака, по којзнае кој пат.

Дојде време да ја стави маската на весела девојка и да излезе од дома. Најтешкиот момент за неа, напуштањето на своето мало царство на тага и спомени. Свесна во каква состојба се наоѓа, си помисли: “Ова не е лицето со кое сакам да излезам пред луѓето…“. Спасот го најде во шминката, колку толку ќе го покрие бледото лице и ќе ги освежи уморните очи.

Уште еднаш се погледна во огледалото пред да излезе од собата. Повторно на нејзиниот лик му недостасуваше нешто. Усните на кои сеуште ги чувствуваше неговите бакнежи, ѝ беа суви, испукани и безживотни. Ги намачка со омилениот кармин и си рече: “Е ова е лицето со кое сакам да се појавам пред сите!“.

На излегување од дома ја слушна песната која некогаш ја слушаа заедно. Солзите повторно ѝ навираа во очите, но успеа да ги подголтне и да не заплаче. Се разочара бидејќи не може да биде отпорна на спомените. Меѓутоа едно знаеше, сеуште го сака, но не беше сигурна дали и тој неа ја сака.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Спомени“: Драгана Ангелова

Станете наш facebook фан.




3 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *