Top

Разделба без збогување

Те чекав љубов моја. Те чекав да се вратиш. Да се вратиш на местото од каде што замина. Чекав да се јавиш, да пишеш. Ги чувам твоите писма, редови убаво напишани. Убави зборови, убави мисли и соништа за иднината. Ги чував нашите соништа, заеднички соништа. Ги чував спомените. Убавите спомени. Всушност, сите спомени на тебе беа убави и љубоморно ги чував. А, сега, ја чувствувам само тагата и празнината во душата, поради твоето заминување. Замина, без да се збогуваме. Ме остави со еден куп прашања. Прашања на кои немам одговор. Кога би знаела само која беше причината за да заминеш со неа. Кога би имала одговор на сите мои прашања, можеби би престанала да размислувам на тебе. Но, вака секој ден, истите прашалници се испреплетуваат во мене.

Поминаа денови, месеци, години. Години на бес, лутина кон тебе, но сепак голема желба да погледнам повторно во длабочината на твоите очи. Да погледнам во длабочината на твојата душа. Треперењето на моето тело, кога сум покрај тебе. Сите овие години, толку многу ми недостасуваат тие нешта. Сите овие години, не успеав да заборавам колку си згоден и убав. Таков те чекам да се вратиш. Како моето последно меморирано сеќавање на тебе. Онаа вечер, под големото небо, кога заводливо ми се смееше. Како гледавме во ѕвездите и имав чувство дека не се многу далеку од нас.

И вечерва те чекам. Тука сум, на нашето место. На местото каде што секоја вечер споделувавме нежности. На местото каде што секогаш посакувавме да останеме уште, а времето тоа не го дозволуваше. Времето што го поминував во твојата прегратка, прелетуваше многу брзо. Сега, секоја минута помината без тебе е неподнослива, а времето како да застанало. Сè што се случува околу мене, нема значење, ниту успева да го привлече моето внимание. Сето мое внимание е насочено кон твоето отсуство и нашата разделба. Разделба без збогување.

Те чекам, иако знам дека нема да се вратиш. Веќе си стигнал многу далеку и не знам дали посакуваш да се свртиш назад. Можеби си заборавил на мене, на нашата љубов. Можеби си престанал да ме сакаш. Можеби си среќен. Но, вистинска среќа беше нашето заедничко минато. Таму остана нашата љубов. Скриена зад некој агол, изгубена од ноќта, покриена со безмилосната прашина.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Разделба без збогување“: Драгана Стојановска

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *