Top
fb-chat-iLike-mk

На „Фејсбук“ сите се убави, привлечни и паметни

Социјалните мрежи уништиле многу врски и бракови, тоа е факт пред кој не треба се правиме слепи и да го отфрламе живеејќи во заблуда.

Дали е тоа можно? Дали е можно на социјалните мрежи, како е можно тие неколку часа поминати на „Фејсбук“ да растурат света работа наречена љубов, нешто на кое од памтивек се заколнувале многу поети и љубовници?

И тоа како е можно – вели основачот на оваа социјална мрежа, Марк Цукерберг.

Прво, да се разбереме, јас сум голем поборник на „Фејсбук“, го сметам за одлична алатка за промоција на сопствени идеи, книги и колумни, го сметам како приватен весник на кој паметен човек внимателно ќе одбере само неколку стотици паметни, креативни и интересни пријатели, па со помош на законитоста на појавување на туѓи објави на почетната страна, при секоја посета на „Фејсбук“ на сопствениот ѕид ќе најде паметна, креативна и интересна содржина.

Го сметам за одлична алатка за одржување на односите со многу драги пријатели по целиот свет, ако човек имал среќа истиот тој свет да го пропатува, а се вбројувам меѓу тие среќници.

До една одредена граница, мојот став за „Фејсбук“ е многу позитивен. Но, потоа следи тој раб, таа остра граница после која „Фејсбук“ станува средство кое ве изморува, а потоа и средство со кое лесно си го упропастувате животот.

Како?

Многу едноставно. На „Фејсбук“ сите се убави, привлечни и паметни. Навистина не се сеќавам макар и еднаш на „Фејсбук“ да видам профилна фотографија на која сопственикот не изгледа добро. Навистина не сум забележал дека некој на „Фејсбук“ се лоцирал од некое јавно место на дожд и кал. Обично на социјалните мрежи сите се огласуваат од Париз, од Доминикана, или некое слично место. Навистина не сум забележал луѓето колективно да се тагираат од улица, тоа обично го прават во фенси клубови, дотерани со напрчени усни, весели и пијани.

На „Фејсбук“ сите сме убави и паметни, нашите животи се интересни, весели сме, патуваме на кул места, слушаме кул музика и немаме никакви проблеми.

А љубовта е нешто друго, врската е нешто друго, бракот е нешто друго.
Љубовта е света, прекрасна работа, единствена исконска работа поради која всушност вреди да се живее. Љубовта е доверба, разбирање, сигурност, респект и почит.
Но, љубовта повремено или во некои свои сегменти има и друго лице.
Понекогаш, љубов значи партнер без шминка и фризура, љубов значи нечисти чорапи на подот покрај креветот. Љубов значи расправии поради кренат капак на тоалетна школка, љубов понекогаш значи и расправии поради неплатени сметки за греење.
Љубов понекогаш значи криза, а во кризи човек е грешен, слаб и нестабилен.

А да не заборавиме на само еден клик на глувчето далеку се крие профилна фотографија на сопственик кој на неа изгледа добро. На само еден лесен допир со прст по паметен телефон, се крие тој колега од работа кој токму неодамна се лоцирал од… ах да, од Париз. Само една мала порака во инбокс далеку се крие таа слатка мала сосетка која неодамна се тагирала од сепаре на некој фенси клуб, нашминкана, дотерана и весела.

Во такви состојби „Фејсбук“ е неопасно средство за комуникации. Имено, СМС има своја тежина, еднакво како и порака на „Вајбер“ и слично. Но, „Фејсбук“ порака е нешто друго, тука сите сме камуфлирани поради тој волшебен збор, кој толку суптилно го имплементираше Цукерберг, а тој збор гласи – пријател.

Имено, на „Фејсбук“ сите сме пријатели и сите интеракции се одвиваат под превез на тоа волшебно невидливо пријателство.
Е, жими мајка сме пријатели!
Сите сме потенцијални предатори.
Па, ако имаш каква било желба да ја одржиш својата љубов топла, а својата врска квалитетна, посебно кога ќе удрат кризи, тргни се бре брате од социјалните мрежи, седни на маса, седни го спроти тебе партнерот и слушни што има да ти каже.
А, сигурно има многу да каже!
Имал и претходно, зошто да нема и сега?

Извор: Радио Фортуна




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>