Top

Мојата приказна

Велат дека кога си повреден, не е убаво да се затвориш во себе, туку да се исповедаш на најдобриот пријател. Па еве, најдобриот мој пријател е дневникот и пенкалото. Со него ги искажувам сите мои проблеми и сите мои чувства што ги чувствувам моментално. А, не се чувствувам баш најдобро. Чувствувам празнина во мене, слушам како нешто чука од внатре, но не се чувствувам живо, не се чувствувам реално. Како да се вселил некој дух во мене што го движи моето тело, разговара со луѓето, ги извршува сите задачи во текот на денот, но не живее.

Бев повредена и оставена сама на себе да го продолжам остатокот од животот. Без него. Без единствената надеж за опстанок што ја имав во последнава година.Тој ми даваше надеж за подобро утре. Со него светот го гледав поинаку. Кога и да бев тажна знаев дека е до мене и дека заедно со него сè ќе пребродам. Со него се чувствував како принцезата на Аладин. Заедно летавме на нашето килмче на љубовта. Како вљубени птички летавме низ страниците на книгата на љубовта. Ги проживеавме сите проблеми што ни се создаваа во нашите животи. Заедно. Јас и тој. Една година. Беше тоа една прекрасна година потрошена од мојот живот. Беа тоа прекрасни денови поминати со него. Но, сепак, само беа… Повеќе не се. Нема ни да се повторат. Добро го знам тоа. Средината те смени. Жалам што не успеав да те задржам таков каков што беше. Што дозволив другите да те променат. Но, можеби не бев доволно силна да го издржам тоа што се случуваше. Премногу се борев за да на крај попуштам и се откажам од сето тоа. Можеби се откажав, но барем се потрудив. Ти воопшто не се ни потруди за нас. Уште од самиот старт ти го пушти јажето и ги остави коњите сами да јаваат. Без никаква контрола над сето тоа. Тоа беше твојата најголема грешка. А мојата? Мојата најголема грешка беше тоа што премногу долго чекав на тебе. Мислев дека некогаш ќе ти падне на памет да се потрудиш малце повеќе. Но, изгледа погрешив. И тоа многу. Тоа го сфаќам сега најверојатно бидејќи е крај. Очигледно е дека е крај. А, јас глупава се надевав дека можеби повторно ќе ми се вратиш. Глупава. Како и секогаш. Требаше да знам уште на почетокот дека ти си од оние кои се враќаат тогаш кога ќе бидат заборавени. Па можеби затоа сеуште не те заборавам, бидејќи не би издржала повторно да ми се вратиш. Не би издржала повторно да бидам вивната во облаци, па со голема брзина спуштена на земја како минатиот пат. Минатиот пат болеше. Многу болеше. Не би издржала тоа да го почувствувам повторно.

Велат, за најлесно да заборавиш не ја врти страницата туку смени ја книгата. Но, еве книгата ја сменив, а кога започнав да ја пишувам мојата приказна одновно, се фатив себе си како всушност сеуште пишувам за тебе. Сеуште пишувам за твојата невозвратена љубов. За твоите насмевки, за твоите допири, за твоите зборови. Викаш дека никогаш не ни постоевме? Дека она што се случи меѓу нас не постоело никогаш? Дека сè било измислено, сè било лага? Зарем? Навистина ли беше лага? Секој допир? Насмевка? Прегратка? Знаев дека не треба да ги земам зборовите здраво за готово. И не го правев тоа. Не верував во твоите зборови, но затоа во она што го правеше, верував. Ме излажа твоето тело, кое секој пат кога ќе ме прегрнеше, затреперуваше. И на крај на сето ова, кого јас залажувам? Ти си сеуште мојата приказна…


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Мојата приказна“: Јовевска Симона

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *