Top

Искра во пепелта

Како дете многу верував во бајки. Очекував дека исто како во нив, еден ден ќе се појави и мојот принц на бел коњ. Само еден поглед во неговите очи ќе биде доволен да ме спаси од овој тежок и лош свет. Но, поминаа многу години, а од мојот принц немаше ни трага, ни глас. Надежта во мене гасеше, не поради времето, туку поради злобните, обесхрабрувачки зборови на луѓето. Ден по ден, огнот во мене стивнуваше сè додека не останаа само неколку искри заробени во пепелта.

Им верував на луѓето и ги сакав со целото свое срце. Дозволував љубовта да го обземе целото мое битие, моите мисли, моето тело, моето постоење. Љубовта за мене беше магична, невина, искрена. Не знаев за поинаква љубов. Но, ниту една личност не ја заслужи неа. Моето срце за сите беше како килимче пред влезна врата. Тие само ги бришеа своите валкани постапалки и си заминуваа, оставајќи ми за возврат само една кутија во форма на срце во која беа парчињата од моето кревко срце. Како сложувалка ги редев деловите од ново и од ново… На почетокот тие беа малку и лесни за редење. Но, како растев и како минеше времето деловите се зголемуваа. Животот ме ставаше пред многу искушенија и во многу проблеми. Редење на деловите стануваше сè потешко и подолготрајно. Истовремено зборовите кои излегуваа од мојата уста не беа само мои. Мислите ми беа заробени во болка и очај, кои зборуваа наместо мене. Моето перо се исуши и кога сакав да пишувам листовите ми остануваа бели и празни.

Дојде тој ден кога деловите беа премногу. Не знаев од каде да почнам да ги составувам. Немав повеќе ниту сила, ниту волја. Помислив дека е крај. Заборавив веќе да сакам. Немав во што повеќе да верувам. Тогаш се појави тој. Не беше по ништо различен од другите, но успеа да ја разгори надежта која мислев дека одамна згаснала во мене. Немаше потреба да ги составувам деловите повеќе. Тие самите се составија со само еден поглед во неговите очи. Тие преубави очи кои се единствени за мене. Се прашувам дали секогаш ја има таа детска, ведра искра во нив или само кога ќе ме погледнат мене.

Го знаете ли она чувство кое ве прави полесни од воздухот, пеперутки ви летаат со вртоглави брзини во стомакот и среќа ви прострујува низ вените. Прв пат по долго време се почуствував среќна. Вистински среќна. Моите мисли се ослободија од синџирите и повторно беа чисти. Повторно пишував. Неговата љубов беше невина и искрена исто како и мојата. Ме потсети на сè што сакав од животот, сè што сакав во љубовта. Кога го немаше покрај мене бев како крпена, безживотна кукла. Но, покрај него повторно оживував. Со нетрпение го чекав секој момент поминат со него. Една секунда за мене беше век. Живеев за неговите зборови и пораки. Конечно најдов сè што сакав. Секогаш мислев дека треба да најдам некого за кого ќе вреди да умрам. Покрај него сфатив дека не ми треба некој за кого ќе умирам, туку некој за кого ќе сакам да се борам и за кого ќе вреди да живеам.

Но, не сè во животот е црно или бело. Постојат такви сиви зони каков што е целот мој живот. Не можев да дозволам мојот ангел да биде повлечен во мојот заплеткан свет. Моите проблеми беа премногу за мене самата. Морав да го оттурнам од себе и тоа брзо. Не можам да замислам тој да страда поради мене. Секоја секунда без него боли и воздухот е претежок за дишење. Не минат повеќе од 5 минути, а да не помислам на него. На неговиот мелодичен глас и ведра насмевка која и темните облаци би ги осветлила.

Еден ден ќе бидеме заедно, го знам тоа. Еден ден и нашата приказна ќе има среќен крај.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Искра во пепелта“: Алиса

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *