Нозете ѝ беа длабоко вовлечени во ситниот песок, така што, и да сакаше, не можеше да избега од таа ноќ. Размислуваше, како би било ако… што би се случило кога… што ако… зарем требаше така… што сега ? Во минатото, летото ѝ беше животот, вечерашниот изглед опсесија, морето нејзината најголема љубов. Сега, шминката беше избледела, фустанот изгледаше некако чудно, штиклите беа до неа, а морето се полнеше од нејзините солзи, љубомореше на нејзината нова љубов, и секоја втора минута како да ја казнуваше допирајќи ѝ ги само прстите од нозете, држејќи се толку блиску, а толку далеку.
Ах, кога само би можела повторно да ја пушти косата и да не се грижи за тоа како прамените ќе ги растури ветерот, кога само би можела повторно да се љуби со морето, само да може повторно да потрча кон месечевата светлина низ брегот држејќи друга рака, посилна од нејзината… кога само би можела да се заљуби во летната ноќ.
И од тука низ вените ѝ течеше љубов, отровна, го затру целото нејзино срце, во таа летна ноќ, сепак сè се чинеше толку лесно. Од друга страна, утрото повеќе болеше, новиот ден гушеше со неговата празнина. Поради тоа, секоја наредна вечер фустанот над коленици наполно одговараше со штиклите, шминката и косата беа препуштени на летото, летните ноти чекореа заедно со неа и насмевката беше единствениот предизвик препуштен на секоја наредна летна ноќ.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Летна ноќ“: Симона Николоска
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!