Љубовта и затече низ крвта пребрзо, како да беше отруена од некој јак отров што ги гризеше и железните ѕидови околу неа, ја гризеше и неа. И почна да боли, да боли толку силно што ниту еден врисок не можеше да биде утеха, ниту една солза не ја олеснуваше болката. Почнуваше да умира одвнатре, беше опиена од миризбата на отровните бакнежи, беше отруена од отровите наречени чувства.
Солзите почнуваа да горат како најсилни киселини. Ништо повеќе не можеше да се издржи. Беше оставена на милост и немилост на нечии зборови, нечии прегратки, нечии чувства, нечии бакнежи. И чекаше, некогаш беспомошно, некогаш силно. Молеше, за оковите околу нејзиното срце, молеше, ги сакаше назад.
Секоја минута голташе по една од кнедлите коишто ѝ стоеа в грло, беше тивка, со раскрвавено срце, една огромна рана и малку надеж. Но, ништо од тоа повеќе не беше важно, важно беше тоа што таа го сакаше, таа го сакаше него. Колку што го сакаше, толку и го мразеше, стоеше на средина, помеѓу темната и светлата негова страна, и остана таму, но остана посилна од секогаш, на самата граница, без него.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Челични солзи“: Симона Николоска
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!