Top

Сè што премолчевме

Сè што премолчевме ми натежнува на трепките. Неколку слоја маскара и моите солзи се соединуваат во црни поточиња. Ми го грдат лицето. Несмасно ги бришам со раката. Душата ми се раскинува. Одвнатре сум парталава. Тонам во длабока, црна бездна. Крварам. Твоите продорни очи ме следат каде и да отидам. Те барам во метежот. Те барам во секој непознат. Те барам на старите места. Таму, зад аголот. Скриен во сенката на балконот.

Твојот мирис помешан со чад од цигари. Мојот омилен парфем. Ме занесува, губам рамнотежа. Сакам да останам и да го вдишувам засолнета во твојата прегратка, на твoето рамо. Да ме боцка твојата брада од неколку дена. Да те слушам како филозофираш околу толку неважни нешта. Кога заедно го пиевме утринското кафе. Како тоа да е најважното нешто на светот. Кога молчевме, а тишината беше толку пријатна. Кога плачев и цимолев за сè и сешто, а ти ме гледаше и се смешкаше под мустаќ. Како одамна да си сфатил нешто што јас не можам да го видам.

Душо моја. Никогаш не ти кажав колку те сакам кога се чешкаш по брадата. Кога замислено гледаш во далечината и вовлекуваш нов дим. Кога немарно ја грицкаш долната усна. Колку сакам да ја бакнам твојата трета веѓа. Колку те мразам кога ги грицкаш ноктите. Колку те мразам и те сакам подеднакво кога дофрлаш саркастична забелешка. Ме оставаш без здив. Секој твој допир е електрошок за моето тело. Ме креваш високо кон небото и безмилосно ме треснуваш во правта. Изгледам толку малечко, толку збунето, кршливо.

Ние двајца многу можевме. Но, немавме среќа. Погрешно време. Погрешни луѓе. Мислев дека сум доволно силна да те преболам. Силна и за двајцата. Но, што да преболам? Никогаш не бевме ние. Бевме само јас. И ти.

Љубова е бунтовничка сила. Кога се обидуваме да ја контролираме, нè уништува. Кога се обидуваме да ја скриеме, не заробува. Кога се обидуваме да ја разбериме, не остава загубени и збунети. Јас сум заробена. Заробена во сопствената љубов. Те загубив пред да те имам.

Љубов моја, сè што премолчевме, премолчи го и сега. Не троши ги напразно зборовите. Веројатно ќе ги кажеш на некоја друга, некогаш. Веројатно и двацата ќе бидеме среќни некогаш.

Мил мој, не заборавај ме. Не заборавај го тоа што не ти го кажав. Не заборавај го мојот поглед. Еден ден кога случајно ќе ме сретнеш, насмевни се. Поради сè што премолчевме.

Автор: Елена Танчева

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *