Го сакам, знаеш? Најчудното од сè е што оваа реченица на никого ја немам кажано. А постојано ми е во главата. Ја носам како лепенка бидејќи срцето не ми заздравува. Мислам дека никогаш нема ни да заздрави. Ако навратиш накај моето минато ќе се изгубиш низ лавиринтот на љубовта. Не можам да сфатам како успеав да излезам од тој лавиринт, толку беше тешко да се пронајде излезот. Не се ни трудев да го пронајдам. Но животот ми го покажа и ме оттурна од среќата. Не се жалам, добро сум. Само понекогаш помислувам на тебе. Добро, секогаш. Иако не си тука ти си присутен во секоја моја воздишка, во секоја моја реченица. И доста ми е веќе од твоите глупави игри. До тука било нашето. Запишано е во времето, сокриено е позади месечината. Залутано во ѕвездите, сокриено во дното на срцето. Тоа беше совршено несовршена љубов. Сонце кое само ме осветлува, а не знае да затоплува, војска непобедлива, а сепак уништена. Слика избледена, а сепак блескава. Море бесконечно, но пролазно. Птица најголема, а сепак ранета. И како некоја пијавица твоето име се закачило за срцето. И не можам повеќе да го поднесам твоето сомневање во љубовта и постојано враќање назад. Ја упропасти и последната шанса што ја имаше. А, ти за тоа не си свесен. Но, ќе бидеш. Ќе сакаш да ја поправам секоја твоја грешка, да бидам покрај тебе после сите твои бури во животот. Кога ќе ја сфатиш смислата на животот ќе сакаш пак да се вратиш. Но, нема повеќе никогаш да ме најдеш. Јас веќе мојата среќа си ја пронајдов на север, а глупавото и наивното срце го погребав на југ. И не се навраќам повеќе натаму, нема потреба.

Автор: Драгана Цекова
![]()
Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!