Top
Димитар Андоновски

Димитар Андоновски: „Не правам музика ради реда!“

Летово го започна подарувајќи ѝ ја на својата публика темата „Месечина“ со која го најави долгоочекуваниот деби албум што треба да излезе во септември. Фин, непосреден, искрен, вистински битолчанец, Димитар Андоновски нѝ позборува за новиот албум, за страста кон музиката и виолината, но и за приватниот живот.

Димитар Андоновски

Летово го започна со нумерата „Месечина“, која е многу поразлична од она што публиката е навикната да го слуша во летниот период. Песната има многу богат аранжман кој е одличен за кулирање на плажа, на пример.
Какви се твоите впечатоци од песната и видео записот?

„Месечина“ ја направивме во зима ама дефинитвно почекавме да пукне летното сонце за да снимиме спот и да ја промовираме песната. Самата таа има позитивна вибрација, па и спотот го направивме во тој тек благодарение на режисерот Владимир Дади Ивановски. Се снимаше на одлична локација-Попова Кула во супер атмосфера и позитивни луѓе. Од целокупниот производ сум презадоволен и сметам дека „Месечина“ како целокупен проект и се допаѓа на публиката.

Веќе неколку месеци си косопственик на кафе „Пијано“ во Битола. Како се пронајде во тој бизнис? Како ви оди до сега?

Па искрено не бев многу запознаен со угостителство, ама лесно се уходав и сега сум прав професионалец. „Пијано“ е местото каде што се случуваат најдобрите забави во Битола. Имаме страшно добра програма, а се разбира најбитни се луѓето кои доаѓаат и ја прават целата атмосфера.

Најави дека твојот деби албум ќе излезе на твојот роденден оваа година. Со кого го работеше? Колку песни ќе се најдат на албумот (колку нови композиции ќе слушне публиката од Димитар)?

Веќе се спремам и едвај чекам да дојде 6-ти септември. Ќе има мои стари хитови, добро познати на публиката и доста нови песни. Албумот брои вкупно 12 композиции. Го изработивме со многу љубов заедно со мојот композитор и продуцент Лазар Цветкоски кој ги направи сите песни и аражмани и Магдалена Цветкоска која ги напиша поголемиот дел од текстовите. Како автори на текст се јавуваат и Милан Миланов и Марко Слаткаристика.

Задоволен ли си од целокупниот производ насловен „Ова небо знае сè“?

Не само што сум задоволен-се гордеам со него!

Како одат подготовките за промоцијата? Да очекуваме ли свирка во живо?

Е тоа нема да ви го откријам, ќе го оставам како изненадување. :)

Именувај една причина зошто публиката треба да го има тоа парче музика во својата цедетека?!

Затоа што сметам дека е изработено квалитетно и заслужува внимание. Јас мојата музика не ја правам ради реда, туку сакам кога ќе си слушнам песна и по 20 години да се гордеам со неа.

Што слушаш ти во слободно време? Преслушуваш ли нови (или можеби стари албуми)? Што слушаш додека се возиш во автомобил?

Моментално немам многу време да слушање музика, а искрено во последно не сум нешто посебно фасциниран од музиката што излегува, па затоа во автомобилот имам едно усб со многу постари албуми. Оние што сум ги слушал и што сакам да ги слушам и денес.

Неколку години живееше во Скопје, но сега се врати во родната Битола. Можеш ли да го споредиш животот во овие два града?

Па не се споредуваат двата града. Битола е моето родно место, тука се чувствувам свој на своето, а Скопје е дефинитвно градот каде што поминав незаборавни 9 години. Таму се изградив како личност затоа што живеев сам и научив како е кога треба сам да се грижиш за себе. Одлучив да се вратам Битола затоа што тука ми е срцето и се разбира моите најблиски, иако за мојата професија сè започнува од главниот град. Но, сепак добро е што Македонија е мала, па не е проблем да запалам кола и да дојдам за Скопје и да си ги завршам сите обврски потребни за мојата кариера.

Студираше на ФМУ, отсек виолина. Колку често ја земаш виолината да отсвириш нешто, онака за себе?

Во последно време ја свирам. Не можам да кажам дека тоа е вежбање ама пак добро е што добивам желба повторно да бидам во контакт со неа. Ја свирев само кога требаше да снимам виолини во студио, а сега веќе размислувам и да ја вметнам како дел во моите настапи. Виолината, сепак, ќе остане венчана за мене и ќе биде една од моите најголеми страсти кога се работи за музика.

Имаш долгогодишна врска со Александра од Битола. Како таа се навикна на твојот живот и на твојот статус на музичка ѕвезда?

За ова прашање ќе се обратите кај Александра. :)

Со кој македонски артист би сакал да имаш дует? А, со кој странски?

Ако некој побара од мене да снимаме и сметам дека е квалитетен пејач би снимил дует. До сега не сум размислувал за дует, а може и да ве изненадам во иднина.


Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>