Top

Раѓањето на една љубов

Не можам да кажам колку пати Ви ги гледав очите како менуваат состојби и колку пати ми застануваше здивот на овој или оној одек од Вашиот глас; јас не можам да знам што значи да бидеш друг свет во овој. Знам само колку пати ова Вие го изговарав со Ти и колку пати посакував некој друг Јас да биде на ова место, колку да знае како да се справи со сето ова. Вие знаете добро: чекањето и љубовта не се глумат, не можат да се донесат, тие се живеат- исто како што јас во ова рано утро го живеам своето збогување. Не поднесувам разделби. Не сум јас за љубов; човек кој љуби премногу е секогаш лош за себе бидејќи нешто внатре му скапува кога љубовта менува форми. А Ве љубам. Колку само Ве љубам! Во овие зборови застанува сето мое кое го негувам за Вас. И затоа Ви се обраќам со Вие. Мора да се има огромна почит кон ваквите величини, колку да можам себе да си признаам дека токму мене ми се случи таква љубов и дека токму јас Ве сретнав и создадов живот во мојот живот. Така ме обоивте: како што се обојува лице кое се родило за да го љубите. Во овој миг можам да станам и да отидам на било кој крај од светот и да се правам дека сето ова ќе мине и дека треба да се паметат само добрините од кои душата расне. Времето поминато со Вас ќе биде празник кој се дочекува со цвеќа, со песни и со насмевки. Знам дека ќе има многу такви времиња кои ќе дојдат. Ве љубам Вас и мене ништо друго не ми треба во мигот кога ноќта се опростува од денот, а денот почнува да се живее. Така ми живее љубовта. Така ми дише.
Јас Ви ги знам очите и знам дека во боровата смола која свети околу Вашите зеници постојат причини, можеби сосема необјасливи причини за сето ова да живее. Кога двајца се среќаваат и чинат целина, причините се давеници во првата шолја споделено кафе, во првата насмевка за време на првата вечера, во првата прегратка или во првиот бакнеж залепен за образот, скриен во ноќта сред една зимска небесна прекривка. Ви ги гледам насмевките и знам дека смеењето се должи на некаква убавина во душата. Го чувстувам тоа. Првиот пат кога Ве видов, во мене пукна некаква убавина и се разлеа насекаде наоколу. Чувстував дека ме прекрива некаква непозната светлина, некаква чудна радост. Вие имавте сила да ми кажете дека зборовите и љубовниците постојат за да бидат и да значат. Денес знам дека нема такво значење кое ќе ја опфати љубовта, бидејќи од љубовта нема поголемо значење.
Ви пишувам и зборовите ги правам молитви. Така се моли кон некаков Бог: се моли некој да ти остане и да ти биде во животот, колку да не те удави тагата и да умреш. А Вие знаете- зборовите се играчки со кои си ги бележиме посакувањата. Вие ме посакавте во некој одамна сонуван сон, јас денес Ве посакувам во животот. Што после сето ова? Кажете ми, кажете ми како јас ќе го вдишувам воздухот кога не знам како се дише воздух во кој не се разменува Вашиот здив? Без Вас и воздухот не е тоа што треба да биде, само затоа што олеснувањето во белите дробови при издишувањето задава болка во главата. Мене ме боли цело тело. Како да изгубив војна која ја започнав за добрина и од која се вратив смртно ранет. Знаете, луѓето можат да искрварат на смрт заради љубов. А со мене и со оваа љубов е токму така. Душата ми пука.
За прв пат не ги поднесувам утрата. Треба да го заспијам сето разбудено и да го разбудам во некое друго време. Каде ќе биде нашето време? Каде ќе бидете Вие во моето? Еден од двајцата секогаш љуби повеќе.
Ве љубам Вас. И нема да престане да ме притиска меѓу слепоочниците. Едно име. Една љубов.
Денес знам што треба за да се биде поет.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *