I: Се врати.
II: Мислев ти ќе дојдеш.
I: Помислив неколку пати. Помислив: ме чека. А знаев дека те чекам.
II: Зошто не тргна?
I: Зато што знаев дека ќе дојдеш.
II: Каде сега?
I: Секаде или никаде. Сеедно ми е.
II: Само спакувани куфери. Не можев да ги распакувам. Дојдов само да ти кажам…
I: Дека заминуваш.
II: Види, не може само да се замине. Секој остава дел од себе секаде. Секаде кај што бил.
I: А мислев, мислев ќе се вратиш. Ќе дојдеш. Ќе останеш. Мислев ќе дојде старост и прегратки. А останаа гаврани на гранки и пропуштени возови.
II: Светот стои. Неподносливо стои. Особено стои кога мислам на тебе. Стои и часовникот. И луѓето кои ги среќавам. И оние кои не ги среќавам. Стои…
I: Стојат и твоите куфери. И врамените фотографии. И еден празен стол додека вечерам. Секоја вечер стои.
II: Се вратив за да ти кажам…
I: Дека секогаш ќе стои. Дека секогаш ќе го имаме вчера.
Мојот облак секогаш ќе те чека на ова небо. Тука ми е домата. Срцето на небото, ти како облак. Пред секое заминување и пред секое враќање. Ритуално ја одделувам душата од телото. Во еден поглед ти ги прераскажувам моите вистини: вакви љубови постојат отсекогаш и ова е нивниот среќен момент, само затоа што конечно ја добиле својата човечка форма. Мојата човечка љубов за тебе е падната од ѕвездите и секогаш ќе остане таму горе. Ќе ти светам кога ќе ме нема. Ќе те чувам.
Затоа не постојат краеви.

Автор: Сашо Димоски
![]()
Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!