Top

Љубови. За тебе.

Шеста.
Излегоа ѕвезди.
Ти ми прошета по мислата
и во неа остана. Ти послав пеперутки
и заспа на нив. Те носев на крилата
кои ми ги дадоа твоите вистини.
Така ти летам:
како што си ми воздух,
од поглед до поглед
и од ден во ден
до секој следен ден.
Излегоа ѕвезди.
Секоја ноќ си ми во ноќта-
на кожата и под неа,
меѓу прстите,
во зборот,
во коренот на јазикот,
во коренот на траењето,
во моето кое го викам мое
заради сето твое. Сето свето.
Излегоа ѕвезди.
Во првата го видов сјајот од секое утре.
Втората ја нареков твоја и ја видов како паѓа.
Те посакав во ѕвездата и ти ми засвети живот.
Те чувам.
Те чувам како што те нарекувам:
реткост
животворност
бесмтрност.
Излегоа ѕвезди. Прошета твоето по моето.
Си доаѓаш.
Ми заспиваат сништата
на местото за твојата глава
на моето рамо.
Наше.
Нема друго. Никогаш немало.

Петта.
Те сретнав
кај што нема никогаш да ме изгубиш:
онаму кај што ќе си доаѓаме
кога сите вистини ќе се потрошат,
кога времето ќе се измори од чекање
и ќе го снема.
Ми се губи светлината во здивот
кога не си тука
и во дишење со потешкотии
наоѓам доволно сила
за да го крстам здивот живот
и да знам:
секое скалило во мене
чини чекор во тебе
и така заедно одиме.
Исти во движењето:
стигнуваш побргу
онаму кај што доцнам
и подранувам на твојот непознат пат.
Те сретнав
меѓу две заспивања и две будења-
како што деновите среќават нови годишни времиња,
како што денес навлекувам твој сон
кога денот ми тежи.
Ме олеснуваш од себеси
и од мене ме чуваш.
Со нежност на ветар
кој го оплодува првиот цвет:
дојди си, да ми стигне душата на место.

Четврта.
Светот застанува секогаш кога помислувам на тебе
колку стареењето да ми остане за твоите очи,
а борите за твојот живот.
Стои сето време во една точка.
Непроменливо. Непорменливи ние.
Гласот ми станува лост
кој ги поместува зборовите во најголемите одалечености:
да ми ја знаеш вистината како што ти го знам лицето
и да ми го живееш моето
како што ти ги трошам солзите за среќа.
Те заспивам во себе. Ти расне големината.
Те чувам од облаци. Ти мене од заборав.
Биди ми добро
кога моето добро ќе го нема,
колку да остане трага по вселената.
Животот ми ја сече фантазијата:
живееме на облаци
хранејќи се со допири вистина.
Светот во еден облак:
и дом
и кревет
и куфер
и полица за старини.
Толку му треба на моето
за да остане секогаш младо.
Секогаш твое.

Трета.
Те среќавам како повторување:
во доброто животот тежи добрина
кога секоја сенка е тешка за носење.
Ме гледаш. Ме нема. Те гледам.
Во стравот се пресретнуваме-
не оставај ме во срцеви паузи,
да не ми научи тишината друго име.
Нема друго име за моето освен твоето.
Во бран кој длаби карпа
го запишувам сето наше време:
бевме измислени од други времиња и други животи,
денес само стоиме во своето
како во пронајдена доблест-
така секој бран се одбива од душата
и ја носи до нејзиното место под градите.
Мојата во тебе. Твојата во мене.
Те гледам. Те нема. Ме гледаш.
Мене треба да ми се чува сенката-
таа ми заспива под други сенки,
влече гревови и се опива од неба.
Речи ми:
сенката е за мрак, ти си за сонце.
Во мојот часовник
твоето време
брои наше отчукување.

Втора.
Ветрот од твоето време донесе една вистина:
за старост се потребни двајца,
еден да старее, друг да ги чува борите во срцето
и да ги бразди надолу,
па во нив да посее животно семе:
да никнат добрини
добри како небо во услови на среќа
и друг ветар да ги однесе
до непознати земји.
Да се рашират
надвор од просторот и времето
па да допрат од ѕвездите
и од нив да паднат
кога некому му треба
прост грам среќа.
Те знаев уште пред првиот ветер и те видов:
како што се гледа живот со затворени очи,
како што се допира допир со подзината уста,
како што времето застанува пред друго време,
како што една вода се влева во друга,
како што воздухот станува прост збир од дишења.
Твоето во мене
го нарекувам вистина.
Просто е:
мојата вистина дише во твојата множина.

Прва.
Те препознав по зборот:
јазикот ми се вртеше кон изгревот
и здогледував сонце
уште пред земјата да сети светлост.
Го распнав говорот
меѓу најодалечените букви од мојата азбука
и во него се слејаа сите јазици:
мене светот ми зборуваше со допир
и те допирав
како највидлива невидливост
во просторот на сопственото дишење.
Те препознав по себе:
исти празнини сакаат исти полнежи-
така го делам времето
на свет пред тебе
и свет со нас,
исто како што во говорот на првиот здив
телото ми се полни со доблест.
За добрина во мене.
Твоето.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *