Top

Како прв пат

Би можел да те допрам како некогаш и да ти ги раскажам најтажните нешта кои постојат: сето ова е минливо, а од нас ќе остане само ова овде, ова во нас – се додека и тоа некој не го заборави. Некои други деца некаде ќе речат: најтажните работи се оние вистинските и кога ќе пораснат, и тие ќе се спасуваат од заборавот љубејќи некого. Би можел да продолжам и никаде да не застанам никогаш. Ќе ми речеш: душата некаде мора да застане, а јас во истиот момент ќе признаам дека мојата одамна застанала покрај твојата и дека каде и да одам ќе ја носам пришиена за сето мое- затоа што така си ми ти насекаде, како сето мое кое недостигало.
Би можел да те погледам и да ти кажам: за среќа треба толку. И потоа ќе признаам дека во твоето срцебиење ја пронаоѓам сопствената мерка за среќа и дека не постојат други вистински мерни единици. Тука си за да ми кажеш дека среќата си доаѓа како резултат на отвореност. Запрашано те гледам. Повторуваш: човек мора да си допушти да биде среќен. Се насмевнувам. Јас сепак си допуштив да бидам. И затоа си и ти. Затоа ние толку многу значи.
Би можел да те бакнам како некогаш и ти во истиот момент ќе кажеш дека единствена работа која никогаш не старее е бакнежот. Сé останато станува ветво и се троши. Ние секогаш ќе ги имаме своите бакнежи и секогаш ќе биде како прв пат.
Пред заспивање те замолувам за сон. Ти легнуваш на моите гради. Издишуваш:
-Срцето ти чука тивко. Необично тивко – шепотиш.
Те галам по главата.
-Затоа што многу силно си ми во очите и во душата. Ако срцето почне да чука подеднакво силно со душата, може да напукне.
Се насмевнуваш и ја ставаш својата рака на моето рамо.
-Да сонуваме.
Те бакнувам на челото.
Во нашата минливост животот си допушта да значи среќа.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *