Го имам во секој мој сон, здив. Го имам во секоја зора и зајдисонце, а пак сум сама. Хранам една љубов, пишувам пиказна за две заљубени срца, а немам ниту едно.
Многу пати помислувам на тоа е*ено пладне. Помислував да знаев дека нема да се труди. Меѓу некој ред на неговото молчење да ја прочитам рамнодушноста. Сакав да почувствувам дека му требам. Знаејќи ја тежината на гордоста што тој ја носеше во џебот од кошулата, секогаш близу до срцето, решив да го оставам. Не го оставив, само сакав да увиди дека може да ме изгуби. И не го оставив и денес го немам оставено. Верувај ми мила, денес да заѕвони на мојата врата. Со ладнокрвност ќе ја затворам пред неговите очи. Нема да му дозволам да ужива фасцинирајќи се себе си од моите солзи. Не. Никогаш не сакав ниту еден обичен смртник да ја види мојата болка. Имаше денови кога мојот дом личеше на соба во која почива телото на некој покојник. Ги покривав сите огледала и вриштев. Посакував да се врати, си ветував себе си дека ќе му простам. И не сакав, не можев да го гледам моето лице како очајува по него.
Ме хипнотизира патот кон успехот. Мислев таму нема простор за љубов, но имаше. Го имаше во обичен блиц на апарат. Се појавуваше и одеше. Постоеше идентично за себе си. Непостојано. Колку пати мила моја, и колку други мажи ме љубеа. Колку рози свенаа во моите вази без да ги помирисам. Ме прашуваа дали го љубам, а јас со нетрпение одговарав. Одмавнуваа со олеснување мислејќи дека конечно сум го преболела. Сум се заљубила во оној крај себе, кој и да бил. А јас мислев на него. И никогаш не се запрашав дали го сакам? Ниту зошто го сакам? Зошто сеуште? Ах, да. Зошто го сакам?! Зошто сеуште?! – ги подигна веѓите не тргнувајќи го погледот од тепихот.
– Се излади кафето мила. Испиј го.
– Ох, јас… – се сепна. – Извини сум се занела.
– Не мила. Зошто ова ми го кажуваш сега, после 8 години? Имаше време, ќе сторевме нешто…
– Имаше време, но немаше што да се стори.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Животот на починатата љубов“: Христина Младеноска
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!