Top

Проклета женска интуиција

Има назив женска, бидејќи женските лица очигледно значително повеќе ја поседуваат, но тоа не значи дека не може да биде одлика и на посилната половина. Просто е неверојатна, на моменти е апсурдна, во некои случаи и предобра. Веднаш ги чита луѓето. Барем мојата интуиција досега никогаш нема згрешено. Секогаш сум знаела што да очекувам од луѓето, им ги препознавав погледите, можев да заклучам дали тие се искрени или не. Во ниедна ситуација сум немала погрешна проценка. Таа и ден денес не ме изневерува, уште еднаш и уште еднаш. Пали уште при првото звонење, првата насмевка, првиот најмал сомнеж.

Досега сум дошла до многу чудни збиднувања за кои претходно бар еднаш потсвесно сум помислила, но сум си рекла самата на себеси дека измислувам глупости, дека нема никакви шанси тоа да ми се случи на мене или тоа да се случува во моментот. Но тој вроден инстинкт кој упорно те тера да навлегуваш во синдромот на животните чудесии, те тера воедно и да размислуваш што сè може да тргне наопаку и ти потврдува дека навистина си бил во право. Сè може да тргне по апсолутно погрешниот пат, за пак да се најдеш на апсолутна нула. Пак сè од почеток, пак од ништо.

Нема посебна дефиниција за тоа што благовремено го доживуваме. Нема никаква теорија да знаеме што се случува околу нас. Картите воопшто не се ни поделени, но ти секогаш потсвесно знаеш кај се крие џокерот или кој си ја има мувата на капата, или… се разбираме.

Магична е таа женска интуиција, бидејќи чувствуваш дека нешто се случува околу тебе, нешто крчка или нечии пантолони горат, но немаш храброст тоа да си го признаеш и да поверуваш дека не си згрешил. Не ти доаѓа ни на крај памет, а сепак го чуваш како трага на отисок од прст. Шансите да биде како што претпоставуваш, се секогаш рамномерни на твоите скептично поставени прашања.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Проклета женска интуиција“: Наташа Петровиќ

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *