Top

Во темнината…

Снема струја… и тоа баш мора да се случи кога сакаш да гледаш некое добро филмче, или да прочиташ добар дел од твојата нова книга, или пак во најлоша варијанта, кога добиваш нагон за пишување, а немаш каде. Веднаш си го земам телефонот и почнувам. Луѓето ми се смеат, но тие не можат да знаат колку ова ме исполнува.

Сигурно вака би изгледало кога би ја немала привилегијата да гледам. Жално. Се обидувам да ги ококорам очите, но попусто. Темнината ми ги јаде зениците, станува дел од мене. Да можев ќе им ги подарев моите очи на луѓето кои ги немаат, барем на еден ден, за да може да го видат овој трагичен, но разнобоен свет.

За што да пишувам вечерва?! Ни јас сама не знам. Сфаќам само дека ми е страв од темнинава и од ред други работи. Животот е константна борба со страв. Страв од смрт, од височина, од болест, од затворени простори. Страв од невозвратена љубов, од тоа некој да те повреди, од осаменост, а мене најмногу ми е страв од самата себеси. Верувам на секого, а тоа не е добро.

Па што е поентата во стравот? Да нè научи да живееме убаво и слатко, да не го сфаќаме животот толку сериозно, да не се сфаќаме самите себеси толку сериозно… На крајот сите се бориме да ги пребродиме нашите најголеми стравови, да пораснеме во округот на нашите фобии и да станеме поцврсти, а во одредена доза да станеме и бунтовни.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Во темнината…“: Наташа Петровиќ

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *