Top

Уште една водка Лола, само уште една

Тој ден како сè да се промени за 360 степени.
Прекрасното сонце избега и не остави ни трошка топлина,
ветерот ги корнеше расцутени гранки иако беше април,
А мирисот на раната пролет заталка некаде далеку.
Април наеднаш стана декември и Скопје стана тмурно.
Небото се бунешe. Не знам дали тагуваше или ми се лутеше на мојата наивност.
Не знам дали тагуваше за нашата љубов која сеуште се надевав дека постои,
или се нервираше затоа што толку наивно дозволував да ме изигра, повторно и повторно,
а потоа на неговиот глас повторно се насмевнував како некој вечен верник.
Си се лутев себе си зошто срцето проклето му верува,
им се лутев на солзите зошто бараат утеха во уште една чаша водка,
ги гледав искинатите холахопки од таа вечер и
помислував на секоја песна на која телото ми се движеше,
на секоја салса, на секоја чачача, на секоја ламбада.
Како физичката болка од штиклите од петнаесет сантиметри
да ја надвладееше онаа од внатре, онаа која лиеше река од солзи.
А утредента го запалив автомобилот и тргнав. Дождот сè повеќе се разбеснуваше.
Отидов на она место кое ме потсетуваше на него.
Се насмевнував на луѓето околу мене и повторно одглумив дека сум совршено добро,
сè е така совршено колку и плетенката замотана околу мојата пунџа.
Се потсетував на неговата прегратка,
на неговиот мирис кој толку добро се вклопуваше со мојот, на неговите ветувања,
и ладнокрвно нарачав од неговото ладно макијато.
Знаев дека времето лекува сè,
но знаев и дека повеќе нема да дозволам времето да ме лекува.
Лола нема срце.
Лола најде дрога против онаа љубовната дрога.
Лола ги уништи солзите.
Лола ја уништи болката,
стави црвен кармин на своите усни,
црна маскара на своите сини очи и
ги облече своите високи потпетици.
Отпи од кафето кое се виореше низ коцките мраз
и така вештачки насмеана климна на прашањето на другарката до неа,
а во себе си рече:
Уште една водка Лола, само уште една.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Уште една водка Лола, само уште една“: Марија Јаневска

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *