Top

Танцот со ѓаволот

Една навидум обична вечер, додека танцував на подиумот, бескрајно среќна во сопствената кожа, од некаде меѓу толпата луѓе која ме опкружуваше ме прострела поглед… поглед кој го осетив како вжештено парче железо на мојата кожа, поглед кој го немав сретнато никогаш претходно.
Проструи низ мене со тие очи. Тие зелени очи кои направија збрка во мојот ум. Занемена од неговиот лик, кој како да беше нацртан, скоро и нестварен, одев накај него… туркајќи се низ гужвата, без да земам воздух, ниту да трепнам, како некој магнет да ме влечеше, и за миг се најдов токму таму. Пред тој лик.
Стоев и молчев, ја впивав со очи таа насмевка. Се восхитував на она што го гледав пред себе. Беше речиси две глави повисок од мене, коса која како грива се лелееше на ветрот, нежни раце кои така полека го допреа моето лице, широки рамења кои совршено се вклопуваа во неговата градба. Го гледав со поглед на мало девојче, со невина детска искреност и само една желба на ум: да биде мој!
Со погледот застанав кај очите. Ми го заматија умот. Блескаво зелени, кристално јасни. Пропаѓав во нив. Беа буквално магични. Носеа во себе нешто чудесно. Како некои искри да излегуваа од нивната позадина, како да имаа моќ да бидат и мили и злобни, и курва и девица… како да беа способни на сè, за да те добијат, како да беа способни физички да те допрат и да те навлечат на својот сјај. Две очи и еден поглед, моментално ме заробија. Одеднаш како да почнаа да ме поседуваат.
За момент ми се оттргна вниманието од оваа зелена магија, кога неговата рака полека ја фати мојата. Ја поткрена нежно и ја стави преку својот врат. Ми трепереше раката, од возбуда, од среќа… па, јас го имав прегрнато најубавото суштество кое дотогаш го имав видено. Својата лева рака, со истата нежност и заводливост ја спои со мојата десна, само ги погледнав двете дланки и се насмевнав… па, тие како да беа создадени една за друга, само го чекале вистинскиот момент да се спојат. Својата десна рака, ја стави околу мојата половина. Во истата секунда низ мене проструиа морници, а јас потонав во моментот.
Така припиени еден до друг почнавме полека да се движиме на ритамот на музиката. Околу нашите две тела се создаде еден балон, како да не постоеше ништо друго околу, освен јас и тој.
Застана времето, исчезнаа сите вредности, заборавив на сите луѓев и само го чувствував неговиот здив на мојот врат и целосно се предадов на тој волшебен танц. За момент се одделив од своето тело и погледнав одозгора… личевме на совршен пар, јас нежно потпрена на него, со насмевка на лицето, а тој сигурен во себе, ме имаше зграпчено како да сакаше да му покаже на светот дека сум негова.
Имаше куп очи вперени во нас. И тие со насмевка на лицата немо нè гледаа. Одеднаш неговата рака со која ме имаше опфатено околу половината почна да стиска… сè посилно и посилно во секоја следна секунда. “Не гледај во другите!” со злобен шепот ми кажа на уво. Па, јас не погледнав во никого околу, а тој продолжи да го зголемува стисокот со својата десна рака.
Ја наведнав главата, не можејќи да го поднесам стисокот. Сакав да вриснам на целиот глас, а не сторив ама баш ништо. Полека го дигнав погледот, пред себе видов друг лик. Онаа ангелска убавина, беше исчезната. Таа нежна линија, беше издолжена, изострена… трансформација во волчји лик. Жеден за крв и месо. Ме обезеде страв. Страв кој прв пат во животот го осетив на овој начин. А, од неговите очи заблеска онаа злоба и проникливост, она лудило кое се насетуваше некаде во нивната длабочина…
Се обидов полека да се оттргнам, но не успеав. Веќе ме имаше во своите две раце, толку цврсто држејќи ме, што мислев дека ќе ми ги искрши ребрата. Ме прободуваше болката, како со нож низ телото. Немав глас да викнам. Немав сила да се спротивставам. А, и не можев веќе да поднесам да го гледам тој извитоперен поглед и повторно ја наведнав главата. По лицето ми течеа солзи и само посакував да заврши овој кошмар. Кошмар? Почна како бајка, а не ни приметив кога потполно се заврте целата ситуација. Од една крајност во друга, и тоа само за миг.
Полека гужвата од околу се расчистуваше. Сè помалку и помалку луѓе околу. Сè повеќе страв во мене. Го слушав неговото разбеснато дишење, и го чувствував тресењето на неговото тело. Како да се тресеше од студ, а вусшност беше типична манифестација на лудило. Уште повеќе ме вознемируваа овие појави и немав идеа како да се спасам. Како да бев фатена во стапица и немав излез. И по неколку обиди да ме пушти, тој одбиваше! Упорно ме припиваше кон своето тело со силен стисок и бараше да не заминам никогаш, да бидам до него, негова, и ни малку своја.
Меѓу последните присутни околу, видов два познати лика. Мои пријатели. Ме спречи да ги повикам, ’ржејќи низ заби… Едниот од нив се приближи кон нас. Веројатно ја имаше забележано ситуацијата, па дојде да праша дали е сè во ред. Верувам од моите очи јасно излегуваше стравот и очајната молба за помош. Волокот увидувајќи ја ситуацијата, го олабави стисокот и полека се поттргна од мене. Ајде накај дома! Го чув гласот на пријателот. Си помислив дека го прати некој од небото, за да ме спаси. Го добив повторно оној прострелен поглед, а во себе си реков дека е тоа последен пат.
Го погледнав своето голо тело во огледало. Насекаде имав лузни од она чудовиште. Насекаде имав траги од неговите раце. Како можев да му дозволам на еден тотален странец да го стори ова од мене. Се облеков не можејќи повеќе да се гледам и потонав во сон.
Како да ми беше влезен под кожа, исто како иглата за тетовирање која остава трага на боја. Не сакав, а уште беше во мене. Отров течеше низ моите вени, а јас морав да најдам начин да го исфрлам од себе… додека не биде премногу доцна. Уште некое време ме будеа кошмари, со истиот тој лик. Ми требаше време да избледат тие траги. Време да можам сигурно да чекорам по улица. Време да успеам лузната да ја претворам во цвет.
Откако помина сè, се вратив на истиот оној подиум… ми трепереа колената и срцето ми лупаше забрзано. Сè додека не почна да ме носи музиката и да играм сама. Можам си помислив, помина сè, пак сум истата јас… и во тој миг сфатив дека имав средба со ѓаволот… лично!!!


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Танцот со ѓаволот“: Ивана Костовска

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *