Top

Совршенство

Прекрасна убавина. Гледајќи ја оддалеку, човек ќе се запраша како е можно да постои такво совршенство од жена. Нејзината волшебна насмевка ги стопуваше срцата на сите познаници, дури и на случајните минувачи. Ако се загледаш во нејзините очи ќе потонеш во еден океан полн со бродоломи. Но, нејзините очи криеа некоја тајна. Ја криеа тајната на нејзината душа. Тајната на болката. Нешто недостасуваше во нејзиниот блед поглед. Недостасуваше ТОЈ. Неговиот мирис, неговите усни, неговата насмевка која внесуваше светлина во нејзината душа. Сега нејзината душа е толку празна и темна што почнува да се губи во неа. Најмногу од сè ѝ фалеше неговата прегратка која ѝ даваше толку голема сигурност што се чувствуваше најсилна. Го има целиот свет околу себе, а се чувствува толку осамено. Го гледа него во сите лица, ги слуша неговите зборови насекаде околу себе. Пресуши изворот, нема повеќе солзи. Остана само голема дупка во срцето која никогаш нема да зарасне. Таа сеуште е онаа истата. Недостасува само едно нешто. Недостасува искрата во нејзините очи која гореше од љубов. Сите ѝ завидуваат на совршеноста, не гледајќи ја болката во нејзините очи. Небото е сведок на нејзината голема љубов. Со неа ги преброди сите олуи, ги помести сите планини. Ја правеше толку силна, а сега е толку слаба. Постојано го премотува филмот назад и се прашува која е нејзината грешка што ја доведе до тука. Каде ли згреши одејќи низ патот на верноста, посветеноста, љубовта? Да не го згреши правецот? Многу пати го гледаше филмот, но никаде не ја виде грешката. Сè беше совршено. Всушност тоа е нејзината грешка – СОВРШЕНОСТА!


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Совршенство“: Драгана Цекова

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *