Top

Секоја секунда од вечноста

Го сакам секое влакно од неговата брада. Го сакам и она на левиот образ кое штотуку си го пробило патот за да се запознае со батко Брич. Го сакам, како што ја сакам секоја секунда што ѕирка од зад црвениот столб на тротоарот од улицата отспротива и секој дел од неа се тресе од нетрпеливост за да… помине и стане само дел од минатото, заедно со останатите секунди, минути, часови… Ја сакам секоја секунда помината со него, гушнати, припиени еден до друг. Ја сакам, како што моите усни ја сакаат секоја буква од кованицата ЉУБОВ, како што гласните жици го сакаат треперењето додека го создаваат совршеното “ТЕ ЉУБАМ“. Сакам да го изговорам, да го плукнам… не, тоа е премногу груб начин за таква пердувеста нежност. Сакам да му го шепнам на десното увце, затоа што со левото послабо слуша. Сакам да му го викнам низ мегафон, додека не ми ја изгорело душата. Не, не е ова грубо… Романтично е. Всушност, што знаете вие за романтика? Ме гори, толку многу што сакам да го викнам со се` извичник и огномет. Сакам, како што сакам да ми го возврати, додека нетрпеливоста не ме претворила во малечок часовник што секогаш налудничаво се тресе кога стрелките ќе се совпаднат со сетираниот аларм. Сакам јас да сум еднaта стрелка, а он да е другата и на секои 60 минути, точно на цагер – да се љубиме. Сакам јас да сум минутната стрелка, иако повеќе би ми одговарало на хиперактивната појава да се затресувам секоја секунда, за што е виновно претераното количество на кофеин – 2 лажички, полни. Да горчи и со 5 лажички шеќер. 3599 секунди, во секоја од нив ќе се напијам по една голтка од кафето, а на 3600тата ќе стиснам палци за батериите да немаат повеќе сила да ми сварат ново кафе за да го започнам одново горкото броење, туку засекогаш да останам припиена до мојата часовна стрелка и заедно да му се насмевнеме на крајот на вечноста, со чаша Несквик. Ја сакам моќта на таа една секунда. Ја сакам, како што ја сакам самата секунда, нејзиното постоење… Како што го сакам секое влакно од неговата брада. Го сакам, како што ќе го сакам него и ако никогаш не ја избричи.

ЉУБОВ… Ја чувствувам за него секоја буква одделно, а на крај и како едно цело.

ГО ЉУБАМ, секоја секунда, секој ден, и кога стрелките не ни се поклопуваат.

Автор: ДЕА




1 Коментар

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *