Top

Празни улици

Врнежливо.
Добро, го навикнавме градов како таков, со оглед на тоа што веќе цела недела сонцето срамежливо се крие зад облаците. Или на друг континент.
Излегов веднаш штом ја слушнав првата капка на олукот. Без размислување, без телефон, без јакна или чадор. Само јас и дождот.
Во глава ми се вртеа чудни мелодии, мелодии кои си поигруваа со секој нерв од моето тело, мелодии кои цртаа слики надвор од реалноста.
Не се плашам да го почувствувам дождот на своја кожа, никогаш не сум се ни плашела.
Единствено ме плашеше тоа што доаѓа после дождот. Ме јадеше неизвесноста дали најпосле ќе нè погали сонцето со своите раце или следи поголема бура од моменталнава.

Кога конечно ми се оттргнаа мислите од она што ме копкаше, тогаш вистински ги почувствував капките.
Тука сум, жива сум.
Не знам што следи после ова. Никој не знае.
Па зошто да не уживам во моментов?
Којзнае, можеби следи топла, сончева недела.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Празни улици“: Ана

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *