Top

Последната страница од нашиот дневник

За некои е најубаво да го имаат до себе оној кој го сакаат и ги сака, за други пак, е поубаво до себе да имаат човек во кој имаат доверба и ги разбира. Трети пак убавината ја гледаат во тоа што до себе имаат некој, не е битно кој. Јас, пак долго време убавината во животот ја гледав кога те имав тебе до себе, затоа што во твоите очи гледав љубов, разбирање, доверба… и во секое време мојот избор беше ти. Гушнати и малечки, заробени во светот на алчноста, но и покрај сè најсреќни.

Велат дека кога на некое нешто ќе му дојде крајот истото тоа се претвара во спомен. Спомен кој со текот на времето ќе се загуби во минатото и кој порано или подоцна ќе ја изгуби својата вредност.
Нашата приказна некогаш беше највредната приказна во мојот живот, а сега е спомен кој полека испарува исто како што испари нескротливата жед за уште еден миг во твоите прегратки.

Од нашата приказна излегов како кучка. Ладнокрвна себична кучка. Не затоа што не те сакав, ниту пак затоа што ти тоа го заслужи. Едноставно, не сакав да излезам жртва. Дали всушост е важно кој е жртва или можеби е неопходно двете страни по крајот на врската да се сепак на некој начин жртви?

Но, не размислувајќи, опкружена само со чувството на болка и згорчена од својот одраз во огледало најразумното нешто беше дека треба да излезам од сè тоа како победник. Модрите подочњаци, крвавите зеници, замрсените прамени и новите наслаги од сало не беа слика на победник. По само неколку денови таа слика се смени. Бев победник. Не, сега сфаќам дека само сум била себична, неразумна и неправедна.

Страна 83 од нашиот дневник. Седум месеци од нашата разделба.

Осумдесет и две страници од нашиот дневник исполнети со љубов, прекрасни зборови, неописливи слики. Стуткани три прекрасни години, две кротки, заљубени деца. Седум месеци неспокој и она што фали е крајот. Приказната не е приказна без крај. Осумдесет и третата страница, последната страница од нашиот дневик.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Последната страница од нашиот дневник“: Енди Стојанова

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *