Што чуствуваше? Бес, омраза, очај… ѝ беше криво. Гледаше како се оди во бездна и бараше начин како да се соочи со проблемите. Проблеми… Беше свесна дека за кратко време, сеќавајќи се на овие моменти засрамено ќе ја наведнува главата, чудејќи се сама себе си како можела да си дозволи толку мали нешта да допрат толку длабоко до неа оставајќи сурова рана. Но, всушност силна беше. Нејзиниот копнеж го делеше само со една личност. Личноста која секое утро ја гледаше во огледалото. Таква беше. Пред светот силна и непоразлива, секогаш на свое место и никогаш повредена, но на крајот од денот кога завесите ќе беа спуштени се пушташе друг филм. Филм во кој таа доминираше, не бегајќи од своите стравови, желби и очекувања. Не дозволуваше луѓето да ја видат нејзината слабост, а желбите ги делеше само со еден сопатник. Оној кој од секогаш бил, на еден или друг начин тука, покрај неа.
Останатиот свет доаѓаше и си одеше. “Луѓето секогаш заминуваат!” беше изрека на П. Сојер која сè почесто и се вртеше низ главата во последните денови. И покрај тоа што беше и повеќе од свесна за последиците кои ги трпи секое врзување, таа не дозволуваше нејзината надеж да згасне. На секој нов сопатник му пружаше можност да се претстави. Сè започнуваше без никакви обврски и без најмала доза на сериозност, но еднаш кога ќе дојдеше до степен на разоткривање, довербата си наоѓаше свое уточиште. Всушност, не веруваше многу. Сакаше другите да ѝ се доверуваат и, живеејќи во илузија дека сите како неа бараат некој кој вистински ќе ги разбере и кој ќе знае како да му се спротивстави на проблемот, тоа го сметаше за свој успех.
И најчесто така беше, ќе се запознаеше со некој, ќе зборуваа на секакви теми и по одредено време или ќе дојдеше до озбилноста која животот ја носи или пак едноставно ќе одбереа посебни патишта. Но, се појави и личност која не постапи точно по овие нејзини, на некој начин втемелени, принципи. Сакаше да ја проучува оваа личност. Поминаа неколку месеци во секојдневни разговори со него, разговарајќи на секакви теми, но секогаш сакаше нешто повеќе. Едноставно чуствуваше како нешто да недостасува. Гледаше многу сличности во неговиот карактер, чуствуваше дека тој би можел да ја разбере, но едноставно никогаш не добиваше можност да го осознае тоа. Тој не ѝ дозволуваше. Дали се плашеше од довербата или таа навистина не успеа воопшто да го запознае, беше она што ја мачеше во последните денови. Во еден момент се одеше како што треба, а веќе во следниот го гледаше како заминува. Полека, тивко како прав се губеше, а убавите спомени остануваа само дел од блиското минато. Сега веќе ја презираше интернет комуникацијата. Веруваше дека доколку еден од нивните педесетина разговори би се одвивале во живо, ситуацијата не би била иста. Барем сакаше да верува дека тоа е вистина. Копнееше по денот кога ќе го сретне, а да не мора да заврти глава правејќи се дека не го гледа, а всушност плашејќи се да не биде одбиена.
Пладнето наближуваше, а нејзините одамна заминаа на работа. Занемувајќи од помислата колку бргу помина ова непреспиена ноќ посегна по чаша алкохол посакувајќи да има една цигара. Иронично. Нејзини беа зборовите дека пушењето не ѝ е некој предизвик во животот, но сега едноставно сакаше со тој дим да ја вкуси горчината на животот. За последен пат, си вети себе си. Од овој момент почнува да гради нова личност. Карактер кој никому, освен на неа не ќе му се допаѓа, а желбата за одмазда и остварување на истата несомнено ќе бидат нејзини сопатници…

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Последен пат, си ветувам“: И.Т.
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!