Top

Оптичка измама

Влезе во мојот живот неочекувано. Се затвори во моето срце и го фрли клучот, никој да не може да го најде и да те извади од таму. За само една недела од нашата прва средба, прв поглед, прв збор, успеа да се населиш во мојата психа, моето срце, моите мисли. Разменувавме погледи, насмевки и по некој збор. Зборовите беа излишни во споредба со погледите, толку искрени и полни со љубов, барем од моја страна.

Мислев дека ќе биде поинаку. Дозволив околината да влијае на мене и да ми соли памет. Верував во нас и во таа наша тајна поврзаност. Минуваа денови, погледите престануваа. Бев збунета, не знаев што се случува. Личноста која со погледи ме бараше наоколу, сега едвај ме погледнува. Дефинитивно животот и судбината решиле да си поигруваат со мене и со моите чувства. Бев толку самоуверена, бев сигурна дека овој пат нема да се разочарам, но повторно погрешив. Повторно паднав во искушение да дозволам погрешна личност да ме заведе.

Сакам да заборавам, да продолжам понатаму како ништо да не се случило, како никогаш да не сум те сретнала. Повторно да бидеш само некој кој го знам бидејќи го гледам секој ден, ништо повеќе. Тешко е, но почнав да се обидувам. Не ми е сеедно да поминам покрај личност која ми знаечела и да се направам дека не ја познавам. Да го свртам погледот, само да не се сретне со твојот е нешто најтешко. Срцето ми се крши, солзи ми навираат во очите, признавам тешко е, но ќе успеам.

Сега ќе заминеш, знаеш ли што ќе оставиш зад себе? Пустош, мрак, студенило, сивило… река од солзи и скршено срце на еднa девојка. Ете сега знаеш. Иако скршена и повредена, јас ќе се борам. Прво ќе ми биде тешко, но после ќе се навикнам. Можеби кревам галама околу мала работа, но најлошо е кога на некого ќе му дадеш лажна надеж. Овие неколку дена ќе ги паметам како денови кога сум била најсреќна, највесела, денови кога ништо не можело да ме натажи. Денови кога некое чудно чувство ме обземаше како никогаш досега. Можеби сега кога ќе заминеш ќе ми биде полесно да те избришам, од срцето, но не и од мислите.

Пак сè ќе биде исто, само тебе ќе те нема. Чувствата ќе останат, но ќе почнат да избледуваат, сеќавањата секогаш ќе се навраќаат, а јас повторно ќе бидам онаа истата од пред нашата прва средба. Имам само една желба за тебе: никогаш да не ти се случи она што ми случи на мене. Никогаш да не бидеш заведен, па подоцна да сфатиш дека се било само “оптичка измама“.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Оптичка измама“: Драгана Ангелова

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *