Сè што некогаш замислив дека сакам да го има во едно човечко битие, го најдов во него. Ги имаше најмилите очи, најубавите раце и ангелски глас… совршен, да тоа е зборот кој го имав за него. Бев занемена пред сè она што беше тој, пред сè она што го правеше. Едноставно снемував глас кога сакав да кажам колку и како ги сакам работите кои тој ги носеше во себе, кога сакав да кажам дека тој беше сè што посакував и чекав.
Додека ја живеев бајката и ги учев новите патишта на животот, не можев да поверувам дека сè тоа ми се случува мене… Бескрајно бев среќна! Веројатно далеку од земјава по која чекориме… некои три метри над небото, ја живеев најубавата приказна. Бев решена да направам сè, сè што можам за да оваа приказна има поинаков крај од останатите.
Тој ми подари слика. Оваа слика имаше посебно значење за мене. За кратко време ја засакав силно, и решив да ја чувам како ништо до сега. Ја сокрив од дождот и ветрот, за да не и ги уништат боите, ја сокрив од сонцето за да не ја избледи… Ја урамив во најубавата рамка. И сакав да биде вечна. Вечна како омилената тетоважа, која ја ставате еднаш и ја носите засекогаш без да фрлите сомнеж дали тоа е вистинската одлука.
Еден ден дојде тој… и без никаква причина истури црна боја врз мојата слика. Ја уништи. Не можев да поверувам што стори. Гледав долго време во сликата… Гледав и плачев. Плачев од очај. Плачев од страв. Плачев од љубовта кон сликата и од мојата немоќ да ја зачувам онаква каква јас ја сакав… онаква каква ја запознав.
Почнав да ја бришам. Се обидував црната боја да ја отстранам… Ја замачкав целата слика. Веќе не беше совршено јасна и ја немаше убавината и сјајот… Паднав на колена пред неа… преколнувајќи го со поглед зошто го стори тоа и слушајќи го сопствениот плач.
Останав заробена пред сликата, очајно посакувајќи да е иста како претходно.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Омилената тетоважа“: Ивана Костовска
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!