Го раскажувам животот низ различните ноти на мириси, испреплеткани во мојата глава, запомнети за секогаш од мојот нос. Се сеќавам на секој момент, кристално јасно, секој пат кога и да проструи тој препознатлив, а единствен за мене – мирис, низ моите ноздри. И подзастанувам за момент, вртејќи се кон таа линија на воздух и вдишувајќи ги тие моќни честички длабоко во моите бели дробови, за да ме вратат назад во времето… За да ме вратат до тебе.
И знам да се присетам на секоја една мирисна линија, секој пат кога и да ми притреба тоа сеќавање, тоа присуство, збунувајќи си го мозокот дали навистина ме опкружува или е само дел од мојата имагинација.
И ден денешен затворам очи пред…
…Мирисот од градинката. Тоа е мирисот на моето растење, на учителката во виолетови кондури со отворен прст, на течната палента со сирење во понеделник за доручек и на малата занимавална во која за прв пат се фатив со Томи за рака. Кој знае колкав е Томи сега.
…Мирисот на бебе. Ме потсетува на денот кога за прв пат ја донесоа дома. Ми рекоа дека ми е сестричка.
…Мирисот од детската пошта. Купот ливчиња што ги имам затворено во една кутија, за да го заробам тој нежен мирис на женското детство.
…Мирисот на изгризаниот молив и на моето прво одделение. Во тие клупи го создадовме нашето пријателство.
…Мирисот на липите во населба. Секогаш ќе се навраќам и ќе кинам цветови липа, за да ги ставам под нос и да се сетам на тие безгрижни денови од детството…
…Мирисот на зајдисонцето. Има ли поубаво сеќавање од твоето присуство покрај мене на залезот на денот?!
…Мирисот на дома. Посебно чувството на првиот чекор над прагот после долго преспивање под други кровови.
…Мирисот на Богомила. Уживам да минувам покрај старите куќи, мирисајќи го чадот од ќумците, мирисот на печениот леб, на багремот во двор, на светулките ставени на чело. Ме сеќава таа прошетка на мое растење во тоа магично село.
… Мирисот на старите книги и сите денови поминати во старата куќа на баба. Некој ќе рече: тое е мирис на мувлосана хартија, но јас знам колку спомени се кријат во таа остра, но среќна арома на застојано…
…Мирисот на тавче гравче и мојата Македонија.
…Мирисот на морето и прошетката покрај него со пријатна особа.
…Мирисот на моето мече со кое спијам 22 години.
…Мирисот на моите солзи, пуштени за него.
…Мирисот на себе и тоа што ти ќе го помниш од мене.
…Мирисот на тебе и тоа што за секогаш ќе остане во мојата меморија, исто како да стоиш токму до мене.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Мириси” : Симона Ангелко Ангелеска
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!