Top

Нејзиното единствено љубовно писмо

Со овие очи и со сета старост во нив. Со сета болка. Со сета радост. Со сето она кое било пред нив и кое се скрило од нив. Со овие очи. Со тајните во нив. Со премолченостите и со бучноста. Со овие очи, знаеш. Со нив те плачев. Со нив те гледав. Со нив те љубев. Со нив ти верував. И во нив нема ништо сега. Всушност, има знаеш. Има време кое оставило лузни. Има други љубови кои никогаш не биле тоа. Спакувани куфери, отворени па затворени, некаде повторно отворени и повторно затворени, полни со ново големо ништо. Со ништо. Ти ми ја зеде радоста. Немам ни солзи веќе во нив. Немам што да кажам во некоја нова солза. Немам солзи. Немам нови моменти. Ги затворив своите очи во потполн мрак и не гледам ништо сега. Во мракот минуваат само оние работи кои се случиле. Нема нови настани, затоа што нема нови луѓе. Ти ми беше сите луѓе кои ми беа и сега нема што да ми биде. Знаеш, имаше толку многу. Толку проклето многу. Во овие очи кои те љубат и покрај сé имаше живот. Среќни мигови кои се случуваа. Среќни мигови кои требаше да се случат. Места, пријатели, изгрејсонца, денови, зајдисонца, ноќи. Некои нови утра некаде. Толку многу. И сега се празни. Нема ниедна поголема празнотија од празни очи во кои го имало сиот свет. И сега го нема. Толку многу го нема што дури и нема што да ме боли. Навикнав на сето болење. Толку многу навикнав што дури и ми беше чудно кога нешто не ме болеше. А душата? Тука умирав. И мислев дека нема што веќе да умре. Мислев дека сé во неа е мртво. Дека нема ниту еден грам светлина. Ми недостигаше секоја музика која некаде била. Ми недостигаше бидењето на сопственото срце. Не го слушав. Знаеш што се случува кога не можеш да си го чуеш срцето? Знаеш ли? Клекнуваш на колена, ја корнеш косата и вриштиш. Ги зариваш ноктите во сопственото месо и гледаш дека во крвта која тече нема ништо друго освен промашеност. Целосна промашеност. И ми се мешаат прамените коса со крвта. И во таа нијанса си го гледам срцето како ми чука. Не го слушам. Го гледам. Знаеш што е тоа? Тоа е ѕверка која паднала во најлошата стапица и која се бори да преживее. А животот заминал и нема кого да чека. Си го гледам чукањето на срцето и се молам да престане да чука. И не престанува. Се засилува. Мислам дека ќе експлодирам. Толку сум сама што нема кој да ме собере од ѕдиовите ако пукнам. Душата ќе ми се заплетка во малтерот и тоа ќе остане така. Душа на ѕид. Како да е некаква слика.

Нема. Знаеш, нема. Ќе си го соберам срцето од подот. Треба да ми чука во градите. Треба некој да спие на нив. А нема кој. Да се најде? Каде да најдам некој кога јас се немам ниту себе си денес? Кој ќе ме чека? Кој ќе ми ја сака несреќата во овие празни, толку многу празни очи?

Беа многу градови. Многу луѓе. Учев како се негува лицето. Знаеш, на крајот од денот човек секогаш легнува сам. Може да спие со некого, но легнува сам. И тогаш, во сонот излегува она лице кое треба да биде единствено цел живот. Јас го сакатев моето со сите работи кои ги имав и кои никогаш ги немав. Сега сфаќам дека секој има само една желба: лицето да му биде сакато од насмевки. А види. Погледни! По ѓаволите, погледни! Нема овде ниедна насмевка. Има старост која требаше да биде среќна младост. Имам премногу несреќи во овие бори. И знаеш што има друго? Знаеш? Има храброст. Има желба. Имам потреба да се смеам. Да бидам овде и да се смеам. Колку што ме држи гласот. Колку што ме држат нозете.

Да се смеам? Заради себе ги изгубив насмевките. Никој никаде не ми е виновен за тоа. Виновна сум што сум и што не станав нешто друго. Што го изгубив своето време. Не. Не го изгубив. Го потрошив погрешно. Имав други сонови, знаеш. Други желби. Имав. Сакав да бидам некаде, сакав да бидам со тебе и тоа да трае. Сакав да се будам наутро и да се насмевнувам за некои обични работи, за заспаноста на твоето лице, за грчевитото смеење во сонот. За некои работи кои ми се смешни само мене и тоа само затоа што се твои работи. Нема ништо од тоа сега. Нема. Покрај тебе јас учев како да бидам јас и како да се носам со сопствениот товар. И сега тој товар ми тежи. Кога заминав си го зедов сиот. Не ти оставив ништо. Товарот секаде тежи цел живот тежина ако немаш кој да ти помогне кога рамениците ќе ти станат преуморни, кога колената ти потклекнуваат. Ти беше тука. И сега сум само јас и она што остана од тебе на моето лице. Несреќата си ја носам само со себе. Исто и радоста. Исто и желбите. И верувам во нив. Верувам дека сето ова остарено, сето потрошено и сето сегашно на моето лице ќе се промени. Дека ќе засјае. Сјаев, знаеш. Толку многу сјаев. Сега е мрак. Лицето. Очите. Мрак.

Понекогаш сакам да го исечам своето лице од главата и да го погледнам. Да си го видам лицето. Да видам до каде стигнавме заедно, каде не отидовме. Кога моето лице би имало друга уста, кожата би раскажала своја приказна. Приказната од мојата кожа и онаа од душата не ги живее ист човек. Јас го чувам детето во мене кое лицето одамна го заборавило.

Минувам со раката по сопствените неправилности. Чувствувам вдлабнатини под очите, бразди околу усните, некакви ситни дамки по челото. Чувствувам време кое побрзало некаде од кај што нема враќање и издишувам во плач. Ми плаче времето, знаеш. Толку многу ми плаче што никој не го слуша мојот врисок. Клекнувам во еден агол и ја притискам кожата. Не ме боли стисокот. Можеби ме болат прстите. Можеби лицето ми заглавува полека под ноктите. Можеби сето време стои под моите нокти. Можеби треба да ги откорнам ноктите и времето ќе излезе како воздух од дупнат балон и ќе биде секаде наоколу. Сето време. Сето мое време, знаеш!

Не знаеш. Нема никогаш да знаеш. Ти нема никогаш да знаеш колку чини и колку не трае време кое се пропуштило. Си мина. Едноставно, си мина. Кога погледнувам на назад, гледам многу луѓе. Многу места. Многу. Многу нешта кои нешто значеле. И кои денес ги нема. Ова мое лице останува од нас. Толку. Само толку. И никогаш немав ништо друго.

Нема што да се каже сега. Можеби некогаш имаше, но сега е доцна за сето тоа. Доцна е за денот, знаеш. Да беше некој друг ден, ќе имаше толку многу. Денес зборовите се сосема непотребни. Сето она што го знам има еден збор во себе. Доста е. Тоа е тој збор. Доста. Доволно. Повеќе не можам. А сакав, знаеш. Сакав да можам колку што може да се може. А денес се може доволно за да не се може. Ниту збор, те молам, ниту збор. Биди човек ако не можеш да бидеш маж. Тука престанува. Во овој ден и тука. Не прашувај зошто. Не прашувај зошто, бидејќи секое прашање е бесмислено. Требаше да ме прашаш- како си? Да ме прашаш- како ти мина денот? Ништо не прашуваше. Седеше во таа фотелја и чекаше среќата да ти падне од небо. Се обвинуваше себе си за својата лоша состојба и не преземаше ништо во врска со тоа. Кога ќе се умореше од обвинувања спрема себе си, ме обвинуваше мене. А јас не можев ништо да сторам. Отидов со тебе на некој друг крај од светот за да спасувам љубов. А гледав како умираш. Знаев дека умираш. И твоето умирање ме умираше и мене. Сосема полека, како некаква болест која те јаде цел живот и која ти зема по грам среќа во секој ден кој трае. Бескрајно умирање.

Зошто го направив тоа? Како можеш да ме прашаш зошто човек заминува кога зад сето тоа немаше ништо друго освен љубов? Јас дојов со тебе за да нé спасам нас. Верував во нас. И денес ништо од тоа. Ниту, збор! Немој. Немој, доцна е. Дозволи ми барем да го спасам ова малку кое остана од мене. Малку е, знаеш. А знаеш колку можеше да биде? Знаеш ли? Можеше да биде сиот свет. Можеа да бидат деца. Деца. Знаеш колку сакав да бидат? Твои деца во овој дом? Твои – мои деца? Ништо од животот, мил мој. Сега е некој друг живот во настанување. А го сакав, знаеш. Толку многу го сакав што мислам дека затоа престана да биде. Го убив од сопственото сакање. А ти само допушти да биде убиено. Мора да се чува. Не знаевме како да го чуваме. Ниту јас, а ниту ти.

Не зборувај и толку кажи. Ништо друго не треба. Здивот ми е празен. Нема ништо друго освен умор. Како да минале векови. Така ми тежи сето ова. Понекогаш мислев дека треба да се престане и да се умре. Лесно е да се умре, знаеш. Најтешко е да се живее кога не знаеш како треба да живееш, кога сето кое се случува се чини како камен. Како карпа. Сакав да престане. Тогаш помислував: немам друг живот, само овој е. Еден. И ја подигав главата. Те гледав од високо. Ми се чинеше така мал. Толку многу ситен, како речиси и да те нема. Ќе те погалев по главата. Ќе ми заспиеше на градите. Ќе си ветевме некое среќно време кое ќе биде. Никогаш не се случи. Јас и ти се разминавме со среќата безброј пати. Доцна е, мил мој. Останува да боли. Да ме боли студениот здив во устата. Кој ќе ми го згрее? Не може здивот да ти биде топол ако срцето ти е ладно. А мислам дека веќе го немам. Тогаш ќе си речам: стави се во една крпа и пушти ја по водата, нека се најде на дното од реката. Така си ја пуштав среќата, можам да си ја пуштам и тагата.

Како одново? Не сум веќе млада, знаеш. Ја немам истата сила. Ги немам истите години. Ми останува да се надевам дека некој ќе ми ги разбуди ѕвездите во очите. Дека ќе ме спаси од сопствениот заборав. Има многу луѓе кои сакаат да бидат нечии ѕвезди. Јас те имав само тебе. Ништо добро од сето тоа. Никогаш ништо добро. Немаше. Сакав да има.

Во овој куфер го ставив она што ми треба. Многу е за да биде малку. Цел живот и цела јас. Ќе си никне на ново место. На животот не му треба ништо друго освен живеење, а ова овде одамна не е тоа.

Не зборувај. Кажувам и за двајцата.

Нема што друго да се каже. Со секој нареден збор ќе остане повеќе за кажување. Тука запирам. Не сакам повеќе.

Ми кажуваа за луѓето кои се сакаат цел живот. Мислев дека јас и ти сме од тие луѓе. Сега знам дека цел живот сакање значи цел живот откажувње. Оваа љубов не беше ништо друго освен откажување. А не можам да се откажам од себе си. Тоа не.

Ќе ги отворам. Ќе ги отворам сега. И очите, и лицето и здивот. Си го должам тоа. Покрај многуте долгови, си го должам себе си тоа. За сето ова овде. За сето кое може да се случи. За она кое го пропуштив. За она кое можеше да биде толку, толку многу мое. Денес за себе. Утре за некој нов ден. Верувам. Верувам како што верував дека едно друго небо можеше да ми донесе насмевка. Денес верувам во ова овде. Во моето. Во она кое никогаш не излезе од мене. Своја. Своја, знаеш. Морам да бидам. Не престанувам. Секаде може да се биде среќен. Секаде може да се љуби. Секоја љубов која може да биде. Во ова дрво. Во онаа жена. Во оној случаен минувач. Во тебе. Во себе. Во сето.

И ја подигам главата. Границата ми е во ѕвездите. Од таму паднав. Си стојат и ме гледаат. Ги слушам како ми шепотат: стани, исправи се. Душата чувај ја горе. Главата уште погоре. Шепотат: верувај и молчи. Смеј се тивко. Скриј ја насмевката. Потоа нека одекне насекаде. Смеј се и биди. Нема никој да ти замери.

Ги слушам ѕвездите. Сите ѕвезди.

Немам кому да се лутам.

Имам само време кое ме чека. Време без сето време кое поминало. Можев да пораснам многу. Да отидам некаде кај што се блиску ѕвездите. Ги имам, знаеш. Во очите. Во здивот. На лицето. Секој човек си има своја ѕвезда за да му свети. Понекогаш знаснува. Понекогаш ја покрива некој сосема црн облак. И тогаш доаѓа утро. Пред утрото мојата ѕвезда е најсјајна. Ми се смее од висината. Си се гледаме. Сами и двете. Нема друго.

Ти ми беше тишината на рамото која ме чуваше од зло кога не можев да се чувам од светот. И сега морам сама. Сосема сама. Јас и мојата ѕвезда. Да свети кога мракот е во мене и да згаснува кога светам јас.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Нејзиното единствено љубовно писмо“: Сашо Димоски

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *