Мојот свет и мојот дом остануваат да бидат и да значат. Домот може да биде секој простор, светот може да биде секој миг. Јас и ти најдобро знаеме како се живее од мигови.
И сега, додека ти сонуваш во истиот простор во кој мене ми почнува денот, јас пишувам за заспаноста на твоето лице и за вкусот на моето кафе. Секогаш се будам пред тебе и те гледам додека спиеш. Во твојата тишина ги наоѓам сите засладувачи кои ми требаат рано наутро. Во еден збор сиот свет и сиот свет во еден збор. Така со мене и твоето име. Научив да ги барам ѕвездите во луѓето и сега спијам со една во својата прегратка. Така сонувам. Така живеам.
Во мене значиш будење. Никогаш не е доцна човек да се разбуди. Заспаноста е последица од лош след од луѓе, будењето влегување на вистински човек во еден момент од времето. И затоа животот се дели пред и после еден човек – само затоа што нечиј живот дава огромна смисла во општото живеење, па светот почнува вистински да значи. Никогаш не е доцна да се почне со животот. Среќни се оние кои виделе дека времето не смее да се троши непотребно. Среќен сум за своето време. И за тебе во него. За нашето. За она што треба да се живее.
Сето ова останува да биде мојот живот и сите денови во него. Мојот свет и мојот дом. Моето значење. Сето ова ми значи доволно за да не се пропушта. Среќни мигови. Среќни. Толку среќни што се плашам да не привлечат зло.
Во првиот здив разменуваме прости мисли за она што ќе го донесе денот. Со една насмевка се договара случувањето и неслучувањето. Во твојата посланост ги имам овие букви. Така се развлекува едно пладне и сиот ден. Си доаѓа ноќта. Јас имам со кого да разговарам за потеклото на вселената и значењето на ѕвездите.
Јас и ти најдобро знаеме како се живее од мигови. Секој миг е дукат со кој се купува живот во денот кој претстои.

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Дукати“: Сашо Димоски
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!
Многу заносно, истрајно, раскошно, а сепак скромно. Неодолива свежина во прикажувањето на убавината, среќата и животната радост. 🙂