Top

А, ќе бидеш ли?

Беше убаво саботно утро во кое таа како по обичај стануваше подоцна и утро во кое обожаваше долго да се расонува и протегнува во креветот. Откако конечно си ги протегна сите можни мускули на телото, реши да стане и да му се порадува на денот. Саботата за неа беше ден за прошетки во парк, за шопинг во трговскиот, за пладневно кафе со другарките во некое од градските кафулиња…
Си плисна вода на очите, забите ги протри убаво со новата четка што си ја купи и веќе беше спремна да го зграпчи денот, да ја зграпчи саботата… Реши да си го направи својот омилен појадок, а дури потоа да си испланира што ќе прави во денот. Кај неа се мораше да биде под конец и токму затоа однапред добар дел од денот и беше испланиран.
Додека го подготвуваше појадокот слушна ѕвонење на ѕвончето на вратата што малку и ја изненади поради тоа што одамна ѕвончето не беше заѕвонило така рано. Ги избриша рацете со сува крпа и побрза да види кој е натрапникот кој ѕвони на вратата. На нејзино изненадување тоа беше поштарот кој поради роденденот на синот сакал порано да се врати дома, започнал и порано со доставата на писмата. За Неа поштарот имаше писмо од него.. И се извини што подранил малку и продолжи понатаму со делење на писма.
Се подзамисли дали веднаш да го отвори, но знаејќи дека подобро се размислува на полн стомак реши да го остави за по појадокот. Откако заврши со појадување, се смести удобно во фотељата, го отвори писмото и почна да чита.
Во него Тој и кажуваше дека веднаш штом стигнале во центарот за обука почнале со напорни тренинзи и вежбање и дека немале време ниту да се одморат и ова му била првата прилика во која успеал да најде време и да го напише писмово. И раскажуваше и за долгите денови во кампот, за храната која ни кучиња не би ја јаделе, за креветите на кои ни бездомници не би спиеле, за сето она што таму го видел и искусил… На крајот од писмото и напишал дека сето тоа што му се случувало го натерало да размислува за животот и сфатил дека токму Таа е личноста со која вреди да го помине остатокот од животот и дека штом ќе се врател би сакал Таа да му стане сопруга и жена.
На прв момент малку се изненади, но нејзината животна приказна беше преполна со секакви случувања, испади, признавања, трагедии , па така овој момент многу и не ја растревожи туку само ја натера да земе лист и пенкало и веднаш да му напише одговор.
Сосема ладнокрвно го започна писмото:
Знаеш и самиот дека лично имам преживеано многу во животов и ништо неможе да ме изненади. Доволно сум претпазлива и искусна за да не бидам повредена и токму затоа сакам јас да те прашам неколку прашања пред да ти одговарам на твоето.
Можеби овој излив на емоции се должи на тоа што си сам, без никој до тебе, можеби уморот си го направил своето или и далечината има свој удел, но сакам да знам:
– Дали ќе бидеш тука секогаш кога ќе кажам оф?
– Дали ќе ме прашуваш како сум го поминала денот и ќе го мислиш тоа или пак само ќе ме прашуваш колку да не молчиме?
– Ќе се грижиш ли за мене цело време на истиот начин како што си се грижел на почетокот?
– Ќе можеш ли да ги истрпиш сите мои навреди, удирања и нервозно однесување за време на мојот ПМС? Дали ќе можеш да ме разбереш тогаш?
– Ќе ме гушкаш ли силно и бакнуваш страстно без некој посебен повод и причина?
– Дали ќе ме запознаеш со сите твои пријатели и дали пред нив гордо ќе кажеш дека јас сум таа која што ја сакаш со целото свое срце?
– Ќе ги носиш ли безбројните торби од целодневниот мој шопинг на парталчиња без да кажеш збор?
– Ќе ми купуваш ли рози без некој повод туку само да ме изненадиш и да ми покажеш внимание?
(Знаеш, жените сакаат да знаат дека се сакани)
Но најважно од се, кажи ми:
Ќе ме сакаш ли онаква каква што сум со сите мои мани и доблести и нема да се обидуваш да ме промениш туку ќе ме прифатиш онаква каква што сум?

Знам дека додека го читаш ова постојано велиш Да и дека секогаш ќе бидеш тука за мене…
А ЌЕ БИДЕШ ЛИ?????  Вети ми!!!



Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “А, ќе бидеш ли?” : Анџело Лазаревски




1 Коментар

  • Коле Кршикоски вели:

    Мислев дека жените сакаат безусловна љубов.. без качување на глава.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *